Daily news
(ВИДЕО) Милошоски: Утре ќе поднесеме предлог закон за зголемување на пензиите
Пратениците на Коалицијата „За подобра Македонија“ утре ќе поднесат предлог закон во Собранието за зголемување на пензиите за 650 денари на околу 300.000 пензионери во државата. Доколку се усвои законот во Собранието, до поддршка на уште само 10 пратеници, покрај Коалицијата „За подобра Македонија“ тогаш од февруари идната година пензионерите ќе добијат 650 денари повеќе, како што беше пракса додека ВМРО-ДПМНЕ раководеше со владата на Република Македонија“ најави Антонијо Милошоски.
„Со Предлог законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидува во 2018 година за сите видови на пензии без разлика дали се повисоки или пониски согласно со овој закон да се усогласат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите од декември 2017 година ќе се зголеми за 5% и ќе се подели со вкупниот број на корисници на пензија кои што ја оствариле заклучно со декември 2017 година“.
Ова е уште еден проект, еден предлог закон кој што беше ветување во нашата предизборна програма и сакаме да бидеме чесни кон граѓаните и пензионерите кои што гласале за Коалицијата „За подобра Македонија“, но исто така како што гласале и за други политички партии но очекуваат подобар животен стандард и да понудиме закон за повисоки пензии.
„ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години од своето владеење ги зголеми пензиите на сите пензионери во државата. Најниската пензија се зголеми за 105%, значи ако се сеќавате 2006 година најниската пензија беше 4.330 денари, а 2016 година најниската пензија достигна 8.890 денари. Ако ги земеме просечните пензии, просечната пензија во 2006 година изнесуваше 7.680 денари, додека на крајот на 2016 година просечната пензија стигна до 13.750 денари. Затоа сметаме дека само со реално 5 процентно зголемување на пензиите може да имаме нивен раст“ вели Милошоски.
Владата предводена од господинот Заев продолжи онаму каде што застана во 2006 година, да манипулира дека прилагодувањето на пензиите значи нивно зголемување, без да покаже реален капацитет, буџетски капацитет и економски политики на реален начин да ги зголеми пензиите.
Пензионерите во овој момент со право се чувствуваат изманипулирани и излажани, бидејќи ги знаат своите сметки, и ги знаат своите месечни приходи и пензии.
Го повикуваме пратениците од Социјал-демократскиот сојуз да не ги попречуваат пензионерите да го добијат она што стана како пракса во државата кое што покажа капацитет да ги зголемува пензиите за 5% до 2016 година.
„Се надеваме дека Социјал-демократскиот сојуз конечно ќе се охрабри и во Собранието ќе покаже конструктивност во интерес на сите граѓани. Она што посебно сакам да го истакнам е дека во овие комплицирани политички моменти во Република Македонија наместо да се гласаат неуставни предлог закони кои што го разделуваат и подвојуваат општеството како што е законот за двојазичност, подобро е да се гласаат уставни и корисни закони како што е предлог законот за покачувањето на пензиите бидејќи тоа ќе им користи и на пензионерите Македонци, Албанци, и Турци, и пензионерите Роми, Срби, Власи и Бошњаци и ќе им користи на нивните внуци“.
Кога станува збор за граѓаните на Република Македонија сметаме дека пратениците треба да покажат сплотеност по однос на интересот на граѓаните. Коалицијата „За подобра Македонија“ има 51 пратеник и за да помине законот за зголемени пензии со 5% реално покачување потребни се уште 10 пратеници.
Ги повикуваме доволни се само пратениците кои што исто така се кандидати за градоначалници господинот Шилегов, господинот Стефан Богоев, господинот Бочварски, Бетиjан Китев, господинот Зеќири Ибраими, Зијадин Села и уште неколку други да го поддржат овој закон и пред пензионерите во нивните општини и градови каде што се кандидираат да покажат реална способност и волја да се покачи стандардот на пензионерите, порача Милошоски.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.