Daily news
ГРОМ порачува: Или влада или бизнис

Потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија, Љупчо Пренџов, денеска на прес-конференција го обвини вицепремиерот Кочо Анѓушев дека влегол во Владата за да ги штити своите интереси.
„Луѓето на кои им беше полна устата со борба против криминал и корупција воспоставија марионетска Влада, која очигледно не дојде да му служи на народот, туку да ги штити сопствените и интересите на чадорот. Случајот на компанијата ‘Фероинвест’, сопственост на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, која доби тендер вреден 2,6 милиона евра во АД ЕЛЕМ, е скандал без преседан во овие 25 години слободна и демократска Македонија“, посочи Пренџов
Според него, потпретседателот Анѓушев се повлекол од управувањето во „Фероинвест“ не затоа што сакал туку бил принуден бидејќи тоа законот го налага.
„Тој не управува со фирмата, но останува основач-сопственик и законот ова го прифаќа, но под услов фирмата да нема зделки со владините институции каде што се трошат народни пари. Тендерите од АД ЕЛЕМ му носат профит на сопственикот на „Фероинвест“, потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, и профитот по завршната сметка се слева на неговото лично конто. Иронијата да биде поголема, потпретседателот на Владата, Анѓушев, е задолжен за еконономски прашања“, алармира Пренџов.
Од ГРОМ прашуваат дали СДСМ на овој начин замислува да ја одвои партијата од државата и дали смета дека ова е најдобриот модел за функционирање на пазарната економија. Според ГРОМ, Анѓушев мора да одлучи дали ќе ја извршува актуелната функција вицепремиер за економски прашања, но притоа да се откаже од каква било директна или индиректна деловна врска со Владата или ќе си даде оставка од државната функција, па потоа да се занимава со бизнис во енергетскиот сектор.
„Господинот Анѓушев не може да седи во министерска фотелја и со оваа Влада да прави бизнис. Сакаме да ја информираме јавноста дека до потпретседателот на Владата за економски прашања пристигнуваат разузнавачки информации кои се однесуваат на енергетскиот сектор, а кои се доверливи, строго доверливи или претставуваат државна тајна. Владата го подготвува и носи енергетскиот биланс кој е битен при донесување одлуки за неговата компанија. Исто така, Владата носи одлуки и разгледува информации кои се однесуваат на промена на девизниот курс, кои и тоа како влијаат на неговиот бизнис“, истакна Пренџов.
Тој објасни дека за светските лидери, какви што се Русија и Соединетите Американски Држави, енергетскиот бизнис е главна стратегиска, економска и воено-безбедносна битка што ја водат меѓусебно и од неа зависи кој ќе ја снабдува Европа со гас, нафта, електрична енергија и други енергенти.
„Значи, да заклучиме, господине Анѓушев, не можете да држите две лубеници под една мишка. Имате сериозен конфликт на интереси и ве повикуваме да не бидете арогантен, да не одговарате дрско на прашањата од јавноста и да донесете одлука во согласност со етиката за чесен претставник на Владата“, додаде потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.