Daily news
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се против повисока минимална плата и укинување на радиодифузната такса
ВМРО-ДПМНЕ со своето лицемерно и деструктивно дејствување во Собранието продолжува да работи спротивно од интересите на граѓаните, велат од СДСМ.
„Наместо да ги поддржат законите што носат придобивки за сите граѓани, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со честите паузи и бесцелни реплики и денеска, како и претходно, ја кочат постапката за предвидените закони што носат поголема минимнална плата, решавање на проблемот со стечајците и укинување на радиодифузната такса.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака работниците да добиваат повисока минимална плата од 12.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не сакаат работниците од текстилната, кожарската и од индустријата за обувки да добиваат идентична законска мининална плата како и вработените во другите индустрии.
ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не дозволуваат трајно да им се реши статусот на 3.500 стечајни работници и тие да добиваат по 7.596 денари месечно. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не дозволуваат да се укине радиодифузна такса и домаќинствата да се ослободат од плаќање на оваа давачка што во минатото остави илјадници граѓани со блокирани сметки. Со ваквото однесување ВМРО-ДПМНЕ само го потврдува фактот дека за неа не се важни интересите на граѓаните, туку се грижи единствено за теснопартиските интереси и благосостојбата на раководството на опозициската партија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ денес е во опозиција и затоа ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе загуби на локалните избори кога граѓаните ќе го казнат нејзиното лицемерно и деструктивно дејствување.
Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ нема да дозволи граѓаните да бидат заложници на интересите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Предвидените законски измени што се ветени пред граѓаните наскоро ќе станат реалност. Ќе има и повисока минимална плата, ќе има месечен надоместок за стечајците, ќе се укине и радиодифузната такса, без разлика дали тоа им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски“, се вели во соопштението од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.