Daily news
На 28 септември почнува Младиот отворен театар
Најголемиот меѓународен театарски фестивал во нашата држава, Млад отворен театар (МОТ), ќе се одржи од 28 септември до 4 октомври. Во рамките на меѓународната фестивалска програма ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.
На овие теми први ќе проговорат „нашите“ Словенско младинско гледалишче од Љубљана, кои на сцената во МКЦ ќе го отворат фестивалот со „проблематичната“ „Нашето насилство, вашето насилство” на хрватскиот режисер Оливер Фрлиќ, со која режисерот и ансамблот на свој начин ја изразуваат својата критика кон Европа и нејзината дволичноста во поглед на емигрантската криза.
На втората фестивалска вечер ќе биде прикажана приказната на БНП Зеница „Мојата фабрика“ во режија на Селма Спахиќ, а од 22 часот на сцената ќе бидат распослани 2.000 минијатури, макети и видео во живо, за мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив Агрупцион сењор Серано (Agrupacion Senor Serrano) од Барселона.
На сцената на Театар комедија в сабота ќе биде прикажана луцидната претстава „Лебенсраум” во изведба на театарската трупа на Јакоп Албум (Jakop Ahlbom), од Амстердам, Холандија.
Сцената на Кино култура ќе биде домаќин на танцовата трупа BadCo од Загреб, која повеќе години е значаен дел од современата танцова сцена не само во Хрватска туку и во Европа, а годинава за првпат доаѓа на МОТ. Тие ќе се претстават со „Еден сиромашен и една нула”, претстава која е курирана за програмата од страна на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива од Скопје.
По подолго време и Азија на МОТ. Иранската претстава „Сослушување” во режија на Amir Reza Koohestani, а во изведба на „Mehr Theatre Group” од Техеран – театар кои е многу присутен на европските сцени и фестивали последните години и е освојувач на бројни награди за своите продукции, ќе биде прикажана на сцената во МКЦ во понеделник.
„Хор на сираци” не е емотивна приказна за сираците, туку универзална приказна за човечката осаменост. Оваа претстава без текст е во режија Jerzy Zon, а во изведба на современиот полски театар КТО од Краков. Претставата ќе биде прикажана во вторник на сцената во МКЦ.
Истата вечер, на сцената на Кино Култура, ќе го видиме и документарниот театар Vox Populi од Софија, со претставата „Мир со вас“ кој ќе ни проговорат за мигрантската криза раскажана преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари, кои имаат допир со странците.
Последната фестивалска вечер од официјалната програма е резервирана за Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ, кои сеќевајќи се на минатото ќе го прикажат нивниот авторски проект „Не се срамам од моето комунистичко минато”. Претставата е во продукција на „Stand up tall”, од Брисел, Белгија.
Оваа година МОТ фестивалот, повторно во својата програма вклучува избор на домашни продукции кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, а се со цел нивно натамошно дистрибурирање по сцените надвор од нашата држава. МОТ+ програмата ќе ја сочинат три продукции: „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, „Бакнати од сонцето“ во продукција на Театар Пи, во која актери се деца со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ од Скопје и плоштадот Македонија мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореа.
Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick – Холандија и Elektro Guzzi од Австрија.Билетите од меѓународната програма се 250 денари во претпродажба, а 350 денари по отварање на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.