Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека Министерството за транспорт и врски ќе потрошело над 24 илјади евра за набавка на алкохол во време кога владата нема пари за пензионерите и им го скратува покачувањето, се намалуваат платите, нема пари за загубарите како Колска, Железници, и редица други фирми.
– По стапките на другите министри од владата на СДС и господинот Сугарески пред неколку дена реши да се почести себеси со парите на граѓаните. На електронскиот систем за јавни набавки стои оглас за набавка на алкохолни, безалкохолни пијалоци и апетисани, според кој договорен орган е Министерството за транспорт и врски со кое раководи Горан Сугарески. Проценетата вредност е над 24.000 евра.
Владата на СДС нема срам, господинот Сугарески решил да набавува алкохол вреден десетици илјади евра. Сугарески отткако е министер за транспорт и врски единствено што направи е блокирање на се она што беше изградено и реализирано како инфраструктурни и капитални проекти од страна на ВМРО-ДПМНЕ, рече Пешевска.
Таа додаде дека наместо парите на граѓаните да одат на проекти, тие одат на купување на алкохол за потребите на Владата и Министерството за транспорт и врски, што е пример за расипништво и побара веднаш да се поништи оваа набавка и тие пари да се насочан кон реализација на проекти за граѓаните.