Daily news
Анѓушев и Димитриевски на средба со бизнис-заедницата во Куманово
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со кандидатот за градоначалник од СДСМ, Максим Димитриевски, денеска оствари средба со бизнис-заедницата од Куманово, каде што ги објасни мерките на Владата за унапредување и развој на економијата во државата.
Тој нагласи дека ќе поминат во сите градови во државата за да ја запознаат заедницата со мерките бидејќи во овој период течат разговори поврзани со услогласување на мерките, а програмата е во нацрт-верзија, се доработува, во согласност со препораките на меѓународните финансиски институции од академските средини како и од бизнис-заедницата од каде што ќе ги слушнат забелешките.
Потсети дека веќе оствариле средби со бизнис-заедницата во други градови, а најави средба со стопанствениците од источниот регион во Кочани.
– Мислам дека тоа ќе даде придонес да ја подобриме програмата во согласност со потребите на стопанството, нормално, во согласност со законските можности – изјави Анѓушев.
Мерките се базираат на три столба, додаде вицепремиерот, првиот столб е во делот на општиот економски развој, вториот столб е за поддршка на извозно-ориентираните компании, а третиот столб се однесува на малите и средните претпријатија.
– Има значаен број мерки, главно тие се структурирани така што да бидат балансирани, да бидат исти и за македонските и за странските компании, практично сите тие компании ние ги третираме како македонски компании и сметаме дека тоа ќе овозможи поддршка што ќе биде транспарентна, која нема да биде базирана на база на преговори и на крајот, се надевам, ќе биде на задоволство на сите граѓани во Македонија бидејќи само со економски раст можеме да обезбедиме подобар живот за сите во Македонија – изјави Анѓушев.
Посочи дека стопанствениците во Македонија имаат најголема забелешка затоа што не биле третирани на еднаков начин како што биле и странските инвеститори, односно дека поддршката била насочена.
– Ние и понатаму странските инвеститори ќе ги поддржуваме, можеби и уште посилно од тоа што досега било. Значи, не сакам да се стекне впечаток дека некој има против тоа, напротив, мислам дека сите тие се многу задоволни од мерките што сега ги има бидејќи тие не се на база на преговори, туку се по една транспарентна шема и симулациите што ги имаме покажуваат дека странските инвеститори, особено добрите, компаниите што се добро познати интернационално, тие би биле уште подобро поддржани со новите мерки отколку со договорите што претходно ги имале, но по една транспарента структура и сега разликата е во тоа што и македонксите компании ги имаат истите права – рече Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.