Daily news
Промоција на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“
Во „Салонот 19:19“ в петок со почеток во 19:30 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“.
Во досегашниот период делата на истакнатиот општественик, политичар, статистичар и научник Антоновска и нејзиниот општествено-политички и професионален, односно научен ангажман не се целосно валоризирани во нашиот општествен простор, иако за многу од нив временската дистанца од мигот кога биле најактуелни до миговиве што ги живееме не само што го овозможува туку и го бара тоа. Оваа монографија е прво дело во коешто е опфатен севкупниот период на нејзиното работење и дејствување, од нејзиното рано општествено-политичко ангажирање во седумдесеттите години на XX век па сѐ до последните години од нејзиниот физички живот.
За „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ ќе говорат поетот Ристо Лазаров, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов. По повод објавувањето на монографијата, поздравно слово ќе биде упатено од Апостол Симовски, в.д. директор на Државниот завод за статистика – институцијата во и преку која Антоновска го даде својот најголем влог за нашето општество и за нашата држава, како основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија, односно како прв предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и втемелувач на европските стандарди во неа.
На промоцијата, стихови за Светлана Антоновска ќе интерпретира актерот Благој Чоревски, а музичката програма ќе ја реализираат Христо Стојаноски (пијано) и Пламенка Трајковска (виолина). Во рамки на настанот премиерно ќе биде прикажан и видеопортрет на Антоновска.
Во монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“, меѓу другото, поместена е и збирка на искажувања за оваа значајна личност на македонскиот XX век од нејзините современици – колеги и соработници од Република Македонија и од странство. Монографијата, покрај тоа што овозможува детална опсервација на ангажирањата, достигнувањата и резултатите на Антоновска, не претставува само подетален хронолошки приказ на значајни настани од нејзиниот општествено-политички и професионален пат туку и „канал“ преку кој во нашата современост ќе се пренесат нејзините глас, став и визија од различните периоди на нејзиното дејствување и работење.
Промоцијата на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ претставува одбележување на 65-годишнината од раѓањето и на 1 година од прераното физичко заминување на оваа значајна личност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.