Daily news
Билд: Тухел најсериозен кандидат за тренер на Баерн
Баерн Минхен сè уште е во потрага по тренер кој ќе го наследи Карло Анчелоти. Клупските челници минатата недела му врачија отказ на Италијанецот откако Баерн доживеа тежок пораз во Лигата на шампионите од ПСЖ.
Некогашниот играч на Баерн и поранешен репрезентативец на Франција, Вили Сањол, кој беше дел од стручниот штаб на Анчелоти, го предводеше тимот на првенствениот дуел со Херта (2:2). Баерн во Берлин по 50 минути игра имаше два гола предност, но до крајот на натпреварот Херта успеа да израмни.
Баерн во моментов се наоѓа на делба на втората позиција на табелата во Бундеслигата, со пет бода помалку од лидерот Борусија Дортмунд.
Германските медиуми шпекулираат со името на идниот тренер на клубот од Баварија, а „Билд“ пишува дека Ули Хенес сака на клупата да го види младиот 32-годишен тренер на Хофенхајм, Јулијан Негелсман, додека желба на претседателот Карл-Хајнц Румениге e Томас Тухел, кој по авантурата во Борусија Дортмунд е без работа.
Истиот извор наведува дека во опција за нов тренер на Барселона се и поранешниот тренер на Барселона, Луис Енрике, и екс селекторот на Холандија и тренер на неколку европски екипи, Луј ван Гал, кој во минатото седеше на клупата на Баварците.
Сепак, како што тврди „Билд“, копјата во клубот се кршат околу Луис Енрике и Томас Тухел и дека на крајот во нов тренер ќе биде промовиран Германецот.
Томас Тухем во сезоната 2007/08 го предводеше вториот тим на Аугсбург, а потоа од 2009 до 2014 година беше тренер на Мајнц. Од сезоната 2014/2015 до јуни 2017 беше предводник на Борусија Дортмунд и со овој тим успеа минатата сезона да го освои германскиот Куп.
Тухел во тренерската кариера зад себе има 324 натревари на кои остварил 160 победи, 87 порази, а неговите тимови 77 одиграле нерешено. н.ц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.