Daily news
(ВИДЕОИНТЕРВЈУ) Елена Ристеска: Бев решена да ставам точка на бракот
Со поп-пејачката Елена Ристевска уште на прва знаете дека нема да ви биде досадно. Од една страна, поради приказната што реши да ја раскаже за „Репортер“, а од друга, поради непосредноста со која си ја отвори душата. Фамата што се крена за „Лимон и текила“ беше поводот, но со Елена разговаравме и за пропаднатиот брак со Бојан, за смртта на татко ѝ, за љубовта, за идните музички планови.
„По сè што прочитав за мене и за новата песна на социјалните мрежи, да бев полабилна, ќе помислев на самоубиство. Јас сум 15 години на сцената. Го поминав ова и со ‘Нинанајна’ кога требаше да оди на Евросонг. И тогаш се крена фама, а песната имаше голем успех , плус е препеана на неколку јазици“, раскажува Елена.
„Лимон и текила“ е по нарачка на руски менаџер. Не било планирано да се пушти во Македонија. Елена инсистирала, сепак, првин да се промовира кај нас. Таа открива дека, освен верзијата со Емина Јаховиќ, набргу ќе снима и шпанска верзија, по што треба да потпише договор со шпанската продуцентска куќа „Сони“.
„Овде кај нас ми е како тест-нација. Сè што не поминало добро тука, поминало надвор. Фановите многу ме поддржаа, и колегите, а и новинарите. Никој не ми ја подметна песната, јас работам со истиот тим 15 години и сама избирам што ќе пеам“, вели поп-пејачката. Елена вели дека станува збор за реге-песна, а не народна, како што се пишуваше.
„Сепак, предизвикувам внимание без да платам некому или да замолам да ме објават. Па, искрено, ми годи вниманието што го предизвика мојата нова песна“, додава Ристеска.
Разговаравме за пропаднатиот брак со Бојан. Вели: „За да се разделиш со некого, мора да има навистина нешто големо. Јас бев решена тој брак да заврши, но ниту еден развод не е пријатен“, искрена е Елена. Таа откри дека нејзиниот сопруг не бил љубоморен и бил сигурен во нејзината љубов и дека причината за разводот не е нејзиниот настап на ТЛЗП.
„Ех, тогаш ние бевме далеку од развод. Бојан ме поддржуваше и доаѓаше во Белград“, додава.
Многу ја погодила смртта на татко ѝ. И кога целото семејство се соочувало со неговата болест, се појавиле шпекулациите за наводната тепачка на двајца момци во населбата Аеродром.
„Татко ми на смртна постела ме молеше да не објаснувам дека тоа е лага и јас го послушав“.
Елена вели дека најтешките мигови во животот ѝ биле кога се соочила со болеста на својот татко, кој по една и пол година ја изгубил битката со ракот.
„Имам чувство дека тој е тука, така ми е полесно. Станувам свесна дека го нема само кога ќе отидам на неговото вечно почивалиште“.
Александра Георгиев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.