Daily news
Заев во Кичево: Одговорност ќе има, зборот е збор
Македонија тргна по нов демократски пат, кон правдата и правото. Правда во Македонија ќе има. Секој што се огрешил, ќе одговара. Правда ќе има и тоа е моето најсилно ветување. Мора да има одговорност, давам збор, а зборот е збор, порача од вечерашниот централен митинг во Кичево лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Заев побара поддршка за актуелниот градоначалник Фатмир Дехари и за советничката листа предводена од Сашо Кацески. Апелира дека поделбата, особено онаа по етничка основа, не води никаде. Единствено здружени, заедно, сплотени, рече, можеме да одиме напред.
– Делбите не не водат никаде. Само заедно, од сите етнички заедници, сплотени, можеме да живееме. Нашата перспектива е во нашата различност. Доста не лажеа етнички, заврши тоа време. Ако ги отстраниме етничките проблеми, ќе можеме да се посветиме на вистинските – економијата, новите вработувања, инвестициите, нагласи Заев.
Коалицијата предводена од СДСМ, дополни, најавува ново време.
– Веруваме во еднакво општество за сите. Немаме предрасуди, се здружуваме со граѓаните, шарени сме, не има од сите етнички заедници, ова е наша заедничка земја, истакна Заев и потенцира дека Кичево е пример на соживот, единство и на градење заедничка иднина.
Се осврна и на претходната власт, порачувајчи му на Никола Груевски дека СДСМ работи сосема спротивно од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно ги повика Кичевци да не дозволат, како што рече, бандити и криминалци да владеат со нивната општина.
– Криминалци шират лаги. Отротено му кажувам на Груевски, работиме спротивно од она што тие го работеа. Митинзите му се празни зашто бродот што тоне сите го напуштаат, но да зборуваме за перспективите зашто лакомството, лажењето и крадењето, како што рекол Јоаким Крчовски, се најголемите гревови, нагласи Заев.
Збрувајќи за предвидените проекти, вети решавање на проблемот со загадувањето и сметот кој е еден од најгорливите во Општината, целосна реконструкција на коритото на Сушица, канализација во Другово, промена на греење во сите училишта, локален пат, поддршка на спортот и културата,…,
Лидерот на СДСМ од митингот во Кичево апелира и младите да не ја напуштаат државата зашто Владата нуди низа мерки и проекти за почнување бизниси, едукација, обуки,…
Пред Заев зборуваше носителот на советничката листа Сашо Кацески кој рече дека приоритет на Општината ќе бидат инфраструктурата, чистиот воздух и младите. Кичево, нагласи Кацески, е пример за соживот поради што правичната застапеност во институциите на локалната самоуправа ќе биде исто така една од клучните заложби.
– Мора да го спречиме иселувањето на младите. Кичево ќе биде Општина на задоволни граѓани во која младите ќе сакаат да останат и тука да ја градат својата иднина. Ќе донесеме сет мерки за почист воздух, ќе спроведеме гасификација и централно парно, ќе обезбедиме субвенции за греење на еколошки агенси, ќе изградиме велоспиедски патеки, а старите цевки ќе се заменат со нови, најави Кацески.
Според него, предвидена е иницијатива за организирање рок фестивал во Кичево кој би станал традиционален, ќе се градат нови градинки, ќе се реновираат училишта, ќе се гради нов пензионерски дом и ќе се обезбеди поддршка за спортските клубови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.