Daily news
Заев во Арачиново: Испишуваме историја, ја градиме Македонија земја за сите, да ги заокружиме промените
-Ја правиме нашата заедничка Македонија земја за почит. Се гордеам со сите вас. Градиме едно општество за сите, носиме живот еднаков за сите, се обрати претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Арачиново.
-Ви благодарам што покажавте дека е можно тоа. Да продолжиме, да ги заокружиме промените и да има живот за сите во Арачиново и во Македонија. Вие го кренавте гласот за чиста вода, канализација, градинки, училишта, дека вистинските проблеми на граѓаните се исти за сите, а тоа се условите за живот. Да покажеме дека сме подготвени сплотено и единствени да работиме за заедничка иднина на нашите деца, рече претседателот Заев.
-Со оваа храбра жена отвораме ново поглавје за Арачиново и за Македонија. Позади Миликие Халими, жена-борец, стои СДСМ, 22 коалициски партнери, убеден сум дека стои цела Македонија, додаде претседателот Заев.
Кандидатката за градоначалничка, Миликие Халими, рече дека „Арачиново е барометар дали Македонија е на вистинскиот пат”.
-Оваа голема присутност тука покажува дека вие, граѓаните, го препознавте вистинскиот пат за подобар живот на сите.
Патриотизам се нови работни места, канализации, училишта, градинки, патишта, тоа значи подобар живот.
Гласот за број 19 е глас за надежна, достоинствена иднина за сите нас, порача Халими.
Таа додаде дека „претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испиша историја, тој кој овозможи сите етнички заедници да ја чувствуваат Македонија исто”.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дополни дека „повеќе нема делби на општините, ќе има локален развој“.
-Секој граѓанин е важен, власта ќе им служи подеднакво на сите граѓани. Заедничка, единствена, сплотена Македонија е нашата иднина. Барам поддршка за бројот 19, за советничката листа предводена од Агрон Беќири, за кандидатката за градоначалничка на Арачиново, Миликие Халими, за живот во Арачиново и во Македонија за сите, повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во Арачиново.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.