Daily news
Трамп изолиран околу Иран
Светските сили застанаа зад Иран изолирајќи го претседателот Доналд Трамп во настојувањето да го прекине нуклеарниот договор со Иран. Поддршка на Трамп му дадоа само Саудиска Арабија и Израел.
Велика Британија, Франција и Германија заеднички наведоа дека договорот е „во заеднички национален безбедносен интерес“, додека ЕУ порача дека „не може една земја да прекине работен договор“.
Иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека САД се „изолирани како никогаш досега“.„Може ли претседателот самостојно да поништи меѓународен договор?“, праша Рохани.
„Очигледно тој не знае дека овој билатерален договор не е потпишан само меѓу Иран и САД“, додаде тој.
Договорот во 2015 година беше потпишан од Иран и шест други земји – Велика Британија, САД, Русија, Франција, Германија и Кина. Тој подразбира ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите кон таа земја.
Во говорот што го одржа во петокот, Трамп го нарече Иран „фанатичен режим“ и наведе дека земјата ги прекршила принципите на договорот. Тој го обвини Техеран за поддршка на тероризмот и предложи нови санкции.
„Нема да продолжиме да одиме на патот што води кон повеќе насилство, поголем терор и вистинска закана од ирански нуклеарен напад“, рече Трамп.
Како што пишува Би-би-си, меѓународните набљудувачи велат дека Иран целосно дејствувал во согласност со договорот.
Откако Трамп ја објави одлуката, само Кина не се огласи, но претходно ги повика САД да го почитуваат она што е потпишано.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека жали за одлуката на Трамп, но не очекува таа да го запре спроведувањето на договорот.
Конгресот бара од американскиот претседател на секои 90 дена да потврдува дека Иран се придржува до договорот. Трамп веќе два пати одби да потврди, а сега Конгресот има 60 дена да одлучи дали да го напушти договорот и да ги зајакне санкциите.Иако некои се плашеа дека Трамп ќе нареди целосно повлекување на САД, тој во суштина му го префрли прашањето на Конгресот.
Европските лидери предупредија дека какви било еднострани акции би можеле да доведат до колапс на договорот, што би ја вратило нерешената „нуклеарна игра“ на Блискиот Исток.Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, рече дека Европа не може „да поднесе прекин на договор што функционира, особено сега“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.