Daily news
Средба на Заев со претставници на Комитетот за превенција од тортура
Премиерот Зоран Заев прими делегација на Комитетот за превенција од тортура, предводена од претседателот на Комитетот, Микола Гњатовскиј, кој беше придружуван од раководителот на еден од секторите во ова тело на Советот на Европа, Хју Четвинд.
Заев заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, и директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, ги запозна претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата Влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура, злоупотреба на овластувањата и нехуман однос на претставниците на институциите кон осомничените или осудените лица.
Заев ги информира членовите на Комитетот дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот „Идризово“, беше поттикната од желбата лично и на самото место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и за третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години домашните и меѓународните организации што ги мониторираат овие области.
– Во соработка со институциите надлежни за оваа сфера и особено со граѓанските организации и независните институции за човекови права, какви што се народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги поставивме приоритетите и роковите. За некои од нив се договоривме да ги решиме уште во првите шест месеци од нашиот план 3-6-9 и ние нема да отстапиме од овие одредници – рече премиерот Заев на средбата со Микола Гњатовскиј и Хју Чедвинд од Комитетот за превенција од тортура и додаде дека Владата на Република Македонија и надлежните министерства и управи ги имаат предвид и препораките од извештаите на ова тело на Советот на Европа.
Претседателот на Комитетот, Микола Гњатовскиј, му оддаде признание на премиерот Заев за првите позитивни чекори и мерки за промени во истражните и затворските постапки и процедури во Република Македонија и му пренесе дека посетата на премиерот на затворот „Идризово“ и изјавата по посетата биле исклучително позитивно примени во Стразбур.
– Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да ги одржуваме отворениот дијалог и соработката за овие прашања, особено поради искуството со претходната владина гарнитура која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементира ништо од нашите препораки што произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата – забележа Гњатовскиј.
Средбата на премиерот Заев и на владините министри за внатрешни работи и за правда се остварува како редовна пракса на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа пред објавување на редовниот годишен извештај, кој оваа година се очекува во ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.