Daily news
Себастијан Курц – нов земјотрес за ЕУ
„Вундеркинд“, „Басти фантасти“ и „Месија“ се само некои од прекарите на австрискиот конзервативец Себастијан Курц, идниот најмлад европски лидер. Неговата Народна партија ОВП, која 31-годишниот Курц ја прекроил во бескомпромисно движење, победи на парламентарните избори во неделата со речиси 31,5 процент од освоените гласови.
– Многу луѓе положија големи надежи во нашето движење. Време е да создадеме нов политички стил. Ја прифаќам оваа одговорност со голема понизност – изјавил Курц во неделата во Виена обраќајќи им се на насобраните симпатизери. Меѓутоа, неговиот следен чекор – влегување во коалиција со десничарската Слободарска партија – ФПО на Хајнц Кристијан Штрахе, би можел да ја загрози сликата за Курц.
Царот Курц, како што уште го нарекуваат, многу бргу го презеде лидерството на ОВП во мај. Прво ставил крај на несреќната коалиција со Социјалдемократската партија, која траела цела деценија. Потоа ја преобратил ОВП и нејзината црна боја во тиркизно движење, кое е цврсто кон мигрантите, а дарежливо за граѓаните. Имено, неговата партија се заложува за намалување на данокот на плата.
Курц е заслужен за затворањето на балканската мигрантска рута во 2016 година поради што познатиот портал „Политико“ го именувал за највлијателен Европеец. Полн е со пофални зборови за унгарскиот претседател Виктор Орбан. Стратегијата за поставување на Австријците на прво место му ја донесе водечката позиција во анкетите.
Секогаш во добро сошиен костум и бела кошула, средна фризура, а каде и да се појави приврзаниците во тиркизни маици го извикуваат неговото име. Фотосесиите со Курц знаат да траат повеќе од два часа. Познат е и по тоа што ја чува сопствената приватност – ретко се гледа во јавност со долгогодишната девојка Сузан Тијер.
Набљудувачите велат дека ваква еуфорија за некој австриски политичар немало уште од Јорг Хајдер, харизматичен, но контроверзен лидер на ФПО, кој умрел во автомобилска несреќа во 2008 година кога возел во алкохолизирана состојба.
„Неговиот феномен не е нов и потсетува на очекувањата положени во Хајдер“, напишала новинарката на „Профил“, Криста Коклинг.
Курц во текот на кампањата ветил дека ќе ги намали даноците и ќе ја врати оваа прекрасна земја на самиот врв. „Времето е сега“, пишува на изборните плакати со ликот на Курц кој гледа во далечина.
Појавата на Курц како носител на промени е неверојатна земајќи го предвид фактот дека бил класичен работник во политичката машинерија што сега сака да ја ремонтира. Тој е син единец на секретарка и професор, а на младината на ОВП се приклучил во 2003 година. Како нејзин лидер предизвикувал потсмев на изборната кампања во 2010 година поради слоганот „Црното е жешко“. Тогаш опкружен со убави девојки делел црни кондоми.
И покрај тоа, Курц, поранешен студент по право, доживеал успех речиси преку ноќ – веќе во 2011 година станал секретар за интеграција, а две години подоцна и министер за надворешни работи – тогаш имал 27 години. Неговото преземање на лидерството на ОВП било планирано со месеци, покажуваат документите што се обелоденија во јавноста. Критичарите го обвинуваат дека е мал диктатор и човек за сè. Некои аналитичари предупредуваат дека изборот на Курц ќе биде земјотрес за ЕУ и покрај неговото проевропско декларирање. Тој е полесна верзија на Хајдер. Идеите на Курц за сè, од имиграцијата до економската политика, претставуваат комплексен раскин со ЕУ, вели експертот за Австрија од Париз, Патрик Моро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.