Daily news
(ВИДЕО) Аналитичари: Гласачите на ВМРО-ДПМНЕ испратија порака до Груевски
Порака за промени во ВМРО-ДПМНЕ од поддржувачите на партијата – ова е генералната оценка на некои од аналитичарите за лошите изборни резултати што ги освои партијата на Никола Груевски. Политиколозите Владимир Божиновски и Митко Гаџовски, иако се разидуваат во мислењата за кампањата и изборот на кандидатите за градоначалници на изборите, едногласни се дека гласачите на ВМРО-ДПМНЕ испратиле порака до раководството на партијата.
Божиновски не прецизира дали оставката од Груевски е решението за партијата, но потенцира дека со слабиот одѕив гласачите на ВМРО-ДПМНЕ испратиле јасна порака за промени.
– Според мене, не победи СДСМ, туку изгуби ВМРО-ДПМНЕ, нешто слично како во 2013 година кога поддржувачите на СДСМ не излегоа на изборите. Овој пат се случи спротивното, не излегоа да гласаат поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа сите тие истражувања и анкети од претходно покажуваа густа битка за секој глас. Но, затоа што не излегоа гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, се зголеми разликата. Таков пример се Битола, Карпош, Велес… Кога гласачи на одредена политичка партија не излегуваат да го дадат својот глас за партијата, тоа е порака до самата политичка партија дека треба да се направат промени. Какви ќе бидат тие промени, ќе си реши самата партија.
Политикологот Митко Гаџовски оценува дека најголемиот виновник за дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите е самиот Никола Груевски. Смета дека се неопходни реформи во партијата, а првиот чекор треба да биде оставката од Груевски.
– Очекувана беше победата на СДСМ, но не со ваква разлика. Мислам дека стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите беше промашена, а огромен удел има раководството на партијата на чело со Никола Груевски, тој е најслаба точка. Секако, влијание има и негативната кампања што се водеше од страна на СДСМ – дека секој глас за кандидатите за градоначалници на ВМРО-ПДМНЕ е глас за Груевски – ефектот беше постигнат. Од друга страна, имаше удел и неквалитетот на кандидатите и нивното лошо владеење, тоа беше казнето од гласачите. Излезот од ова е излезната врата од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за Никола Груевски бидејќи сè додека е тој на челната позиција, партијата нема шанси веќе да победи на ниту едни избори во иднина.
Од ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјасниле како ќе постапат откако во неделата вечерта партискиот лидер Николa Груевски изјави дека тој е најодоговорен за изборните резултати и, како што кажа, допрва ќе ги анализираат причините и тоа дали можеле да освојат подобри резултати.
Г.Н.Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.