Daily news
Путин ѝ посака добредојде на Грабар-Китаровиќ во Сочи
Претседателот на Русија, Владимир Путин, ја пречека хрватската претседателка Колинда Грабар-Кираовиќ во државната резиденција во Сочи, руското летувалиште на Црното Море.
„Мило ми е за состанокот со Вас во Русија, мило ми е што имам шанса да разговараме за билатералните односи, но и за регионалните закани. Добредојдовте“, рече Путин при дочекот на хрватската претседателка.
Грабар-Китаровиќ наведе дека ѝ се радува на средбата и дека верува дека тоа ќе биде нова фаза во односите на двете држави.
Хрватската претседателка нагласи дека очекува дека на тоа ќе влијаат разговорите за билатералните односи, пред сè, за проширување на економската соработка, културната и секоја друга, но исто така и за прашања поврзани со безбедноста на подрачјето на Европа, посебно во хрватското соседство на југоистокот од Европа и за прашања за глобалната безбедност во кои Русија има битна улога.
Пред денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека Загреб би можел да биде посредник меѓу НАТО и Русија.
– Верувам дека Хрватска може да биде посредник во соработката меѓу Русија, ЕУ и НАТО, организации на кои сме членки, кои ги поддржуваат нашите заеднички вредности, а во кои ние силно веруваме. Сепак, невозможно е да се впуштиме во решавање на многуте прашања на глобално ниво, без дијалог со Руската Федерација. Поради тоа, секогаш, во сите недоразбирања, поддржувам дијалог – изјави хрватската претседателка во интервју за агенцијата ТАСС.
Таа истакна дека е од клучна важност да се обнови дијалогот меѓу Русија и Западот.
– Сметам дека дијалогот е клучен. Русија и НАТО се клучни фактори на европската стабилност и безбедност. Дијалогот треба да биде зачуван и отворен. Треба да постои доверба – изјави Грабар-Китаровиќ.
Таа уште истакна дека ѝ е драго што ќе патува во Сочи каде што ќе се сретне со Путин и оти очекува со него да разговара за широк спектар на прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.