Daily news
Заврши годишниот „Самит 100“ на бизнис-лидери од ЈИЕ во Скопје
На 6. годишен настан „Самит 100“ за бизнис-лидери од ЈИЕ, чиј фокус беше поврзување на регионот како основа за зајакнување на соработката преку економска и транспортна поврзаност, но и политичка координација и стабилност, беше заклучено дека се неопходни големи инфраструктурни проекти кои ќе овозможат слободно и побрзо движење на луѓето и стоките, како и дигитализација, која е двигател на промените.
Најголемиот бизнис-собир на овие простори – „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа се одржуваше во Скопје на 16 и 17 октомври во присуство на повеќе од 150 еминентни претставници на бизнис-сектор од ЈИЕ, премиери од 4 земји и нивни делегации, делегации од ЕУ, министри и меѓународни финансиски институции и повеќе од 120 акредитирани новинари од 8 земји од цела Југоисточна Европа.
„Веќе на третиот ден по завршување на ‘Самит 100’, откако ги сумиравме впечатоците од овој значаен регионален настан, со сигурност можам да кажам дека како регион навистина имаме голем потенцијал – од производство на храна, кое само треба да се крене на едно повисоко ниво на обработка, стандардите, до енергетските потенцијали на регионот кои сѐ уште не се доволно искористени пред сѐ во обновливите извори на енергија, до туризмот и она што имаме да го понудиме на глобалниот пазар, но кое е сѐ уште на основно ниво. Навистина има многу што нѐ поврзува сите од овој регион, почнувајќи од историјата, јазикот и географската одредница, па сѐ до економијата и немам дилема дека единствен прав пат да дојдеме до максимални ефекти на овие потенцијали е токму регионалната соработка. Дополнително, од исклучителна важност е да го спречиме т.н. ‘одлив на мозоци’ и да ги искористиме предностите на дигитализацијата со цел на некој начин да успееме да промениме сѐ“, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на „Самит 100“.
Свое обраќање на „Самит 100“ имаше и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која ја потенцираше важноста на оваа бизнис-иницијатива и истакна дека од година во година е сè поубедена дека Самит 100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција. Таа порача дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат излегувањето на ЕУ од кризата.
Исто така, на „Самит 100“ се најави и стартот на проектот „е-Скопје“ како продолжение на проектот „Едисон“, кој е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има цел да обезбеди масовно прифатлива електрична мобилност во регионот преку регионално развиени решенија и да дејствува како иновативен центар на ЕУ.
Идеите и заклучоците на самиот крај на „Самит 100“ беа презентирани на претседателите на Владите на Република Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, кои заеднички констатираа дека ако се обезбеди поволна бизнис-клима преку надминување на царинските бариери, подобрување на работата на јавната администрација, реформи во образовниот систем, изградба на инфраструктура која ќе ги поврзува, земјите од Западен Балкан – економиите на регионот, со предвиден раст од 5 отсто ќе станат поконкурентни и ќе се обезбеди побрз влез во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.