Судот во Солун денеска го одложи за 24 октомври судењето на поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Тие денеска беа изведени пред судот во Солун поради поседување лажни патни исправи.
Грујевски и Бошковски, кои беа уапсени завчера на аеродромот во Солун, користеле лажни бугарски пасоши при обидот да заминат со авион за Будимпешта. Причина за одложувањето на судењето е што судот не можел да најде преведувач од грчки на македонски јазик.
Претходно грчките медиуми јавија дека Грујевски и Бошкоски може да бидат екстрадирани кон крајот на ноември или во првите недели на декември годинава, а дотогаш ќе бидат во притвор во Грција. Постапката од македонска страна ќе ја води Министерството за правда, кое синоќа од МВР го доби известувањето од Интерпол – Атина за Бошкоски и Грујевски, кои се бараа со меѓународна потерница.
Министерството за правда попладнево соопшти дека доставило барање до надлежниот суд во Скопје за подготовка на целокупната документација за нивна екстрадиција откако е добиено официјално писмо од централните полициски служби на МВР. И покрај тоа што Македонија и Грција немаат договор за екстрадиција, двајцата приведени може бргу да ѝ бидат предадени на Македонија со договор на двете министерства за внатрешни работи, тврди поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, за „Дојче веле“.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека Македонија очекува да се почитуваат сите меѓународни договори и стандарди во случајот и целата постапка ќе биде завршена во рамките на реалните рокови“.