Daily news
(ВИДЕО) Данев: Управниот суд подлегна под систематскиот притисок од СДС и СЈО
Вчера се виде целта на политичката инструментализација на СЈО и монтираните истраги. Управниот суд подлегна под систематскиот притисок од СДС и СЈО и не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место, порача Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд поднесе 24 тужби за 45 избирачки места за изборни нерегуларности, а судот не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место. Ваквото дејствување на Управен е заради оркестрираниот притисок од страна на двоецот СДС/СЈО. Имено, СЈО во монтирана постапка во предизборниот период поведе постапка против пет судии во Управниот суд заради нивно слободно судско уверување, а Судскиот совет под влијание на СДС надвор од секаква правна логика им го одзема судскиот имунитет“.
ДИК и Управниот суд, како што рече Данев, биле под страшен притисок како и целата администрација. ДИК и Управниот суд, според Данев, оделе по линија на помал отпор и одлучиле да замижат пред очигледниот фалсификат на овие избори, само за да не станат предмет на натамошен прогон на политичкото обвинителство на Заев. Вакво насилство, притисоци и закани немало и не смее да се повторат, рече Данев.
„Целата јавност преку доказите и фактите што беа објавени во медиумите виде дека на изборите во неделата беше направен најголемиот изборен фалсификат во независна Македонија. Беше извршено полнење на кутиите со однапред заокружени ливчиња за СДС, со методот на т.н. бугарски воз, доказ за тоа се гласачките ливчиња од Карпош најдени во изборни кутии во Охрид, ливчињата од Велес најдени во Струмица, од Врапчиште во Гостивар, но и со записник утврдените недостатоци на гласачки ливчиња во Гевгелија и Берово. Граѓаните видоа дека станува збор од фалсификат од мегаломански размери кога во Ресен беа најдени гласачки ливчиња со ист сериски број, што индицира на двојни ливчиња. Сето ова е фото и видеодокументирано, поткрепено со докази и записници, за што медиумите редовно објавуваа“, нагласи Данев.
Доказите и фактите за изборен криминал сепак не беа доволни за ДИК и Управен да го пребродат стравот и наместо под притисок, да одлучуваат по словото на законот.
Управниот суд и ДИК, наместо во согласност со законот, одлучуваа под притисок и сугестија на власта. ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува и потсетува сите оние што за потребите на СДС вршат изборен криминал и ги изигруваат законите, дека со враќањето на демократијата во републиката ќе се врати и правната држава, а сите прекршители на законите ќе одговараат во согласност со законот. Одговорност за овие изборни криминали ќе има и мора да има, порача Данев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.