Daily news
(Видео) Каде се донациите од милион денари за шарената револуција?
Речиси 17 илјади евра или над 1 милион денари е буџетот со кој располагаат челниците на шарената револуција, донација собрана пред две години. Еден од неформалните лидери, Павле Богоевски, вели дека потрошени се само 5-10 отсто или 1.700 евра, што ги дале како донација за поплавените подрачја во Скопје. Богоевски вели дека парите се на сигурно, а намената е за исплата за правна помош за активистите обвинети за повреди на законот против кои тече судска постапка, со можни финансиски и други видови казни.
„Доколку тие пари не треба да бидат искористени за ова, тие заедно со финалната пресметка за нивната распределба ќе бидат наменети за општествено корисна цел. Одлуката за каква општествено корисна цел ќе мора да ја донесеме сите ние што учествувавме во активностите за нивното собирање. Тоа ќе биде кога ќе завршат судските постапки. Ќе разгледаме и размислиме, а потоа јавно ќе ја соопштиме одлуката. Тој дел е далеку, прво што треба е да видиме како ќе резултираат процесите пред судовите“, вели Богоевски за „Макфакс“.
Според него, постапките не требало да траат толку долго, туку да завршат и обвинетите да бидат прогласени невини. Следното судење на сегашниот пратеник Павле Богоевски е на 6 ноември.
„Судиите во голема мера се ослободени од притисоците, а тоа го покажуваат и неодамешните постапувања на Апелациониот суд. Но, сè уште повеќе од видливо е влијанието од поранешната власт и на злосторничкото здружение на поранешниот премиер. Што се однесува до Обвинителството, додека не именуваме нов јавен обвинител, таму притисоците не можат да се намалат, односно таа институција не може да функционира со својот целосен капацитет“, вели Богоевски коментирајќи ја ситуацијата со правосудството во Македонија.
Инаку, на хуманитарен настан организиран од активистите на шарената револуција пред две години беа собрани 1.405 евра, 40 долари и 878.360 денари, односно над 955.000 денари. Потоа и дополнителни средства легнаа на нивна сметка.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.