Daily news
Промоција на зборникот „Бугарската драма и театар во Република Македонија“
Во духот на договорот за соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев, кој од релевантни меѓународни фактори беше посочен како пример за надминување на меѓусебните недоразбирања и чин што отвора нови перспективи на Балканот, Бугарскиот културен центар во Скопје на 8 ноември со почеток во 12 часот во свечената сала организира промоција на зборникот „Бугарската драма и театар во Република Македонија“.
Свеченоста ќе биде отворена со говор на директорката на Бугарскиот културен центар, Светлана Славова, и ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА -Скопје-Париз-Есен-Ротердам, Јордан Плевнеш, во присуство на претставници на Амбасадата на Република Бугарија во Република Македонија и надлежните министерства за култура и образование и наука и еминентни културни и театарски дејци од Бугарија и Македонија.
Зборникот ќе го претстават составувачот доц. Гоце Ристовски, декан на Факултетот за театарска уметност на ЕФТА, и театрологот Ристе Стефановски, професор хонорис кауса на ЕФТА.
Ова значајно издание е избор на научни трудови поднесени на меѓународниот симпозиум „Бугарската драма и театар во Република Македонија“ одржан на 17 и 18 септември минатата година во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка како прва активност во рамките на мега-проектот „Европската драма и театар во Република Македонија“ што го покрена Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА -Скопје-Париз-Есен-Ротердам на инцијатива на ректорот Јордан Плевнеш. На меѓународниот научен симпозиум учествувааа триесетина научни работници, професори, актери, режисери и драматурзи од двете соседни земји. Од Република Бугарија меѓу другите учествуваа најпреведуваниот драмски автор од Балканот – Христо Бојчев, актерката Снежина Петрова, раководител на Департманот за театар на Новиот бугарски универзитет, режисерот Иван Добчев, професор на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“, Светлана Славова, директорка на Бугарскиот културен центар, Антонија Велева и др. Од македонска страна учествуваа театрологот Ристе Стефановски, актерката Милица Стојанова, проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова, проф.д-р Иванка Апостолова, раководител на македонскиот ИТ центар, театрологот Тодор Кузманов, доц. Трајче Кацаров, проф. д-р Христо Петрески, актерите Васил Михаил и Страшко Милошевски и други.
Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА -Скопје-Париз-Есен-Ротердам меѓународниот научен симпозиум го реализираше со партнерот Нов бугарски универзитет од Софија и за време на одржувањето се разговараше за реципрочни активности во Република Бугарија, размена на наставници и студенти меѓу двата универзитети, учество во заеднички проекти и се иницираше изучување на бугарска драма и театар на универзитетот ЕФТА во Скопје, а на македонска драма и театар во Софија, што би се реализирало со помош на надлежните министерства и владите на двете земји, а што би било во рамките на неодамна потпишаниот договор за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.