Daily news
Царовска: Ќе воспоставиме систем на социјална заштита кој дејствува превентивно врз социјалните ризици
Една од главните цели на Министерството за труд и социјална политика и на оваа Влада е да воспостави систем на социјална заштита кој дејствува превентивно врз социјалните ризици и токму затоа Министерството пристапи многу сериозно кон социјалното претприемаштво и го прошири обемот на социјалното претприемаштво за доставување услуги и продукти за најранливите категории во општеството, што ќе води кон разрешување општествени проблеми, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во обраќањето на националната конференција и завршен настан на проектот „Поттикнување на социјалното претприемаштво“.
– Социјалното претприемаштво не го гледаме единствено како можност за отворање работни места, тоа е едната страна на паричката. Другата страна е дека навистина на Македонија ѝ се потребни социјални услуги и развој на истите – рече Царовска.
Многумина, како што посочи, сметаат дека е лесно да се донесе закон за социјално претприемаштво, но тоа, според неа, е тотална невистина и додаде оти законот е можно да се усвои кон крајот на 2018 или во 2019 година, но на тоа треба да претходи стратегија.
– Затоа, размислуваме и како Министерство и како Влада да создадеме екопростор, во кој социјалните претпријатија ќе бидат безбедни. Важно е и Владата и локалните самоуправи да размислуваат како да бидат купувачи на услугите и призводите, сè она што ќе речеме дека е направено во однос на социјалните претпријатија или она што тие го нудат – рече Царовска.
Таа вели дека Законот за јавните набавки е сосема спротивно од тој екопростор и токму и затоа се размислува за транспонирање ЕУ-директивата, која ќе обезбеди или ќе има резервирани договори за социјалните претпријатија во земјава.
– Тоа значи дека оние фирми што имаат пет вработени со даден социјален ризик што го утврдува Министерството да имаат можност само тие да аплицираат до договори до 5.000 евра. Постојат мали набавки што ги прави секое министерство, локална самоуправа, општествено одговорна компанија, кои може да бидат резервирани за овие социјални претпријатија – вели Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.