„Правото на приватност е цивилизациска придобивка“, рече ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на расправата на Апелациониот суд дали осум бомби ќе бидат доказ во постапката за набавката на „мерцедесот“ на поранешниот премиер Никола Груевски. Таа цитираше пресуди на Европскиот суд за човекови права. Јанкулоска со треперлив глас им објаснуваше на судиите зошто и’ е нарушена приватноста. „Само еден мој број е прислушуван 732 дена. Нели е тоа кршење на човековите права“, праша таа. Јанкулоска смета дека со бомбите брутално се прекршени човековите права.
Апелациониот суд денеска попладне расправа дали осум бомби ќе бидат доказ во постапката за набавката на „мерцедесот“ на поранешниот премиер Никола Груевски. Случајот со набавката на луксузниот владин „мерцедес“ го отвори специјалното јавно обвинителство, под името „Тенк“. Судијата што бил на чело на Советот е Горан Бошевски.
Обвинение е поднесено против Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и Ѓоко Поповски, заменик-министер во МВР. Обвинетите се товарат дека ја злоупотребиле службената положба за да прибават имотна корист за себе или за друго лице со што му нанеле штета на државниот буџет. Во прислушуваните разговори што ги објави опозицијата набавката на ова возило била договарана помеѓу Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
В. Маглешов