Daily news
Џафери: Собранието е поотворено кон медиумите во однос на претходниот период
Отвореноста и транспарентноста на Собранието на Република Македонија кон медиумите, кон невладиниот сектор и кон граѓаните се целосно унапредени во однос на претходниот период и голем број невладини организации ги одржуваат своите настани во законодавниот дом. Покрај тоа, агендата на претседателот е достапна на интернет-страницата на Собранието, а граѓаните може по електронски пат да се пријават за присуство на седниците или да постават прашања до пратениците.
Ова го изјави претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, кој денеска оствари средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир. Џафери изрази задоволство од повторната средба со Дезир, овој пат во својство на претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите. Тој нагласи дека Собранието на Република Македонија ги поддржува активностите и мисиите на ОБСЕ во регионот и редовно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ и потсети дека токму Собранието беше домаќин на есенската сесија на ПС на ОБСЕ во октомври минатата година кога имаше дискусија за зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир, изрази задоволство од позитивните промени и напредокот во Република Македонија од својата последна посета на земјата. Според Дезир, во време кога слободата на медиумите е сè повеќе под притисок во регионот на ОБСЕ, особено е значајна функцијата на парламентите во донесување соодветно законодавство за заштита и безбедност на новинарите. Дезир информира за средбите со невладините организации и претставниците на јавниот радиодифузен сервис и оцени дека е неопходно обезбедување стабилни финансии за МРТ со цел да се обезбеди професионализам, независна уредувачка политика и квалитетна програма. Тој нагласи дека во ерата на интернет-медиуми и лажни вести значајно е да се има силен и неутрален јавен радиодифузен сервис.
Претседателот на Собранието го информира за процесот на проектирање, изготвување и донесување на буџетот на Република Македонија, како и за процесот на јавни набавки и констатира дека буџетските корисници треба да имаат слобода да располагаат со средствата за покривање на потребите, а регулативата треба да биде прецизна, јасна и едноставна.
На средбата стана збор и за настаните на 27 април 2017 година, во кои цел на нападите, покрај пратениците, беа и новинарите. Беше истакнато дека е неопходно инцидентите да бидат целосно истражувани, а сторителите соодветно казнети.
Соговорниците разговараа и за реформата во медиумскиот сектор, а особено за измената на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, во кој се вградени забелешките на ОБСЕ, медиумската заедница и експертската јавност и се согласија дека успехот на реформата не зависи само од успешното донесување закони, туку и од целосното спроведување на законите, како и од контролата на имплементацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.