Daily news
Директорката на охридската кардиологија, Донеска, го разреши и единствениот специјалист по физикална медицина
Покрај деградацијата на кардиологот Никола Бакрачески и унапредувањето на д-р Зоран Донески, директорката на Кардиолошкиот завод „Св. Стефан“ – Охрид, Гордана Донеска, го прераспределила и единствениот специјалист по физикална медицина и медицинска рехабилитација, докторката Гордана Коњановска.
„Макфакс“ дознава дека решението на докторката ѝ било врачено пред две недели од службеник вработен во Заводот, а образложението било дека директорот има право да прераспределува и дека во согласност со тоа право и видување таа има нова работна позиција.
Единствениот специјалист по физикална медицина и рехабилитација, докторката Коњановска, работела како раководител на одделот за рехабилитација, а сега е прераспределена на одделот за физикална терапија, што според систематизацијата е едно организациско ниво подолу.
Иако докторката е прераспределена пред една недела, нејзиното претходно работно место како раководител на одделот за рехабилитација сè уште не е пополнето и според правилникот може да го раководи само лице што има титула специјалист по физикална медицина и рехабилитација.
Докторката Гордана Коњановска веќе два мандата е дел од Советот на Општина Охрид. Извори блиски до болницата и директорката за „Макфакс“ велат дека станува збор за политички реваншизам.
Специјалистот Гордана Коњановска во кус разговор за „Макфакс“ ги потврдува информациите за нејзината распределба, а директорката Донеска не се изјасни за овој случај бидејќи го прекина повикот.
Случајот за унапредувањето на сопругот на директорката, доктор Зоран Донески, ќе го испитува и антикорупциската комисија. Попладнево од Министерството за здравство за „Макфакс“ изјавија дека детаљно ќе ја испитуваат работата на директорката Гордана Донеска, како и целокупната документација.
Сегашната Влада, додека беше во опозиција, жестоко ги критикуваше ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери кога тие разрешуваа и менуваа директори и раководители и тоа го оценуваа како политички притисок.
К. Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.