Daily news
Левица: Со новата фискална политика ќе се оданочуваат платите на работниците, а не профитите на газдите
Од целосното излагање на министерот, стана јасно следното: ќе се оданочуваат платите на работниците, а не профитите на газдите. Новата фискална политика предвидува измени во персоналниот данок. Во исто време, не се предвидени ниту најавени измени во данокот на добивка (или корпоративен данок), велат од Левица во денешното соопштение испратено до медиумите.
Оттаму изразуваат чудење од леснотијата со која Министерството за финансии ќе спроведува засилена фискализација и фискална дисциплина врз грбот на работниците и земјоделците.
– „Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците. Без тоа не можеме да ги развиеме столбовите на општеството, образованието, здравството“, рече министерот Драган Тевдовски на вчерашната прес-конференција.
Користејќи го неопределениот поим „граѓаните“, министерот Тевдовски, со игра на зборови, го одвлече вниманието на јавноста од одговорот на прашањето, кој ќе го сноси товарот на новата фискална политика. Најголемиот товар ќе падне врз земјоделците. Законските измени го укинуваат даночното ослободување за земјоделците кои годишно остваруваат приход до 300 илјади денари. Се работи за мнозинството земјоделци, кои претходно ослободени од оданочување, сега ќе плаќаат данок на државата, која за возврат не го гарантира откупот на нивните производи и ги остава незаштитени од пазарот на ниски откупни цени – оценуваат од Левица.
Земјоделците што остваруваат приход помал од 300 илјади денари годишно, како што велат од Левица, најчесто се единствени кои остваруваат приход во семејството.
– Но Владата нема милост за овие семејства и не се задоволи со зголемувањето на цената на дизел горивата и водата, кои особено се користат во земјоделеството. Владата реши да биде уште понемилосрдна. Поради дупката во буџетот, делумно создадена од дуплираните трошоци за дневници и патувања на пратениците, ќе се цедат илјадници семејства, капка по капка, а преку оданочување на приход кој и така не е доволен за подмирување на основите потреби на семејството и семејното производство. Левица ја повикува Владата да го остави даночното ослободување за овие земјоделци. 300 илјади денари годишно за едно семејство е износ рамен на дневен приход на големите и средни бизниси. Не ставајте рака во и онака празните џебови на земјоделците. Ставете рака во преполните џебови на милионерите! Само така се развиваат столбовите на општеството, образованието и здравството – се вели во соопштението од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.