Контакт

Daily news

Најмалку 120 луѓе работат пиар во министерствата и Владата

Објавено пред

Големата државна ПР-машинерија на претходната влада се надградува и проширува. Бројот на лицата што работат односи со јавност и комуникации во министерствата и Владата е зголемен за најмалку 18 лица од лани, покажуваат бројките до кои дојде истражувањето на „Макфакс“. Во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат односи со јавност (ПР) и комуникации, откриваат информациите што „Макфакс“ за 2016 и 2017 година ги доби од институциите преку барања за слободен пристап до информациите. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016. Иако сè уште е рано да се спореди сумата потрошена за годинава, која не е завршена, дека пиарот, освен на претходната, ѝ е важен и на новата Влада, говорат бројките на вработените во одделите за односи со јавност, кои и годинава остануваат слични, а некаде има и дополнителни вработувања.

dobivaj vesti na viber

Најмалку 120 лица во Владата и во министерствата работат односи со јавност, пиар и комуникации, покажуваат податоците што „Макфакс“ ги доби од институциите преку барања за слободен пристап до информациите. Оваа бројка е најверојатно и поголема затоа што кога направивме повторна проверка, дознавме дека некои институции ни доставиле нецелосни информации или, пак, имаат вработени што работат односи со јавност, но технички нивните работни места се заведени со други имиња. Некои од служениците, пак, работат пиар и односи со јавност, но имаат и други работни задачи, па се водат како да се вработени во друг сектор.

„Макфакс“ поднесе барања за слободни информации до 15-те министерства и Владата за тоа колку лица имаат што работат односи со јавност и комуникации. Поради тоа што дел од барањата беше одговорен нецелосно, некои од информациите потоа со дополнителни проверки ги добивме и во контакт со портпаролите на институциите или од други извори. Информации од Владата добивме и за некои од вработените што работат односи со јавност кај министрите без ресор и потпретседателите на Владата.

Најмногу вработени што работат односи со јавност и комуникации и информирање има во Владата, каде што најмалку 40 лица работат односи со јавност и комуникации. Во 2017 тие во секторот за односи со јавност дополнително вработиле 25 лица ангажирани со авторски договор, како и еден портпарол и еден посебен советник за односи со јавност во кабинетот на претседателот на Владата.

Во владата во 2016 година во Секторот за односи со јавност имало 17 вработени како државни службеници под генералниот Секретаријат и дополнителни 13 вработени лица и 2 портпарола на владата, кои биле задолжени за односи со јавноста директно во Кабинетот на претседателот на Владата или вкупно 32 лица. Вторите 13 лица, како и двата портпарола, веќе не се вработени во Владата.

Од 17-те државни службеници, четворица не се веќе во тој сектор, но 13 лица, според старата систематизација и потврдата што ја добивме од владиниот портпарол, се сè уште вработени во секторот за информирање.

Ова значи дека вкупната бројка, заедно со нововработените во Секторот за односи со јавноста, е најмалку 40 лица. Тоа претставува зголемување од 2016 кога вкупната бројка била 32 лица. Зошто било потребно да се зголеми бројката на луѓе што работат пиар и комуникации во Владата и дали овие бројки се преголеми за земја како Македонија? Дали е можно овие сектори да функционираат со помалку луѓе? Дали се создава една преголема државна машинерија за пиар и комуникации?

Од Владата велат дека тие, за разлика од претходната влада, веќе не ангажираат скапи надворешни консултанти, агенции и не трошат средства за владино рекламирање во медиумите, ставки за што во минатото се одлевале огромни суми на граѓаните, па така буџетските средства што во 2017 година ќе се наменат за комуникациите со јавноста се сериозно намалени во споредба со претходните години.

„Oваа Влада се посвети на темелно, навремено, точно и транспарентно информирање на јавноста во реално време. Лицата ангажирани за односи со јавност обезбедуваат редовна комуникација со медиумите и граѓаните и имаат улога на сервис за јавниот интерес. Владата ја напушти праксата на претходната власт да уредува медиуми, а се откажа и од владиното рекламирање за да се оневозможи какво било влијание или контрола врз медиумите. Владата се откажа од ангажирање скапи надворешни консултанти и агенции на кои претходно се трошеа милиони денари граѓански пари“, велат од Владата за „Макфакс“.

Комуникологот Петар Арсовски за „Макфакс“ вели дека тешко е да се коментира дали бројките се мали или големи за земјава затоа што нема доволно информации за тоа кои луѓе се вработени на тие позиции и кои се нивните работни задачи.

„Има институции кои навистина имаат потреба од зголемување пиар-луѓе, но, од друга страна, важно е тие луѓе да не се вработени бадијала, колку да пополнат партиски позиции. Ако навистина придонесуваат за поголема транспарентност и отчетност на Владата, тогаш немам проблем ако има повеќе вработени. И ако придонесуваат за отворено создавање политики зашто вистинскиот пиар не е само да пласирате информации готови од министерствата, туку да слушнете што мисли јавноста“, вели Арсовски.

Според информациите што ги добивме во одговорите на нашите барања за слободен пристап, за 2016 година платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно.

Годинава за платите на овие вработени досега биле потрошени најмалку 562 илјади евра, но податоците за платите за 2017 не се целосни поради тоа што годината не е завршена, но и поради тоа што некои од институциите ни дадоа податоци само за шест, седум или осум месеци. Бројките за платите за оваа година реално се многу поголеми од оваа бројка, а бројките до кои дојдовме може да ги разгледате во табелите во продолжение.

Пред неколку месеци во јавноста поголеми реакции предизвикаа информациите дека во Владата се подготвува создавање неофицијално министерство за информации, со вработување уште 40-ина лица што ќе работат на односи со јавност и пиар под водство на министерот за ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски. Владата негира дека ќе создава какво било министерство за информации, туку дека дополнително ќе вработи лица за односи со јавност во рамките на Секторот за односи со јавност во Владата за да се зголеми транспарентноста. Во Владата во изминатиот период за пиар-потребите беа вработени повеќе јавни личности од граѓанскиот сектор, медиумите, но и влијателни твитерџии или, пак, популарни лица на „Фејсбук“.

Ангажирани камермани и фоторепортери

Во бројките до кои дојде „Макфакс“ не се вклучени лицата што се дел од видео/фототимовите за кои имаме информации дека се вработени во институцииите. „Макфакс“ доби потврда од Владата дека кај нив се ангажирани и двајца фотографи, двајца сниматели, како и еден монтажер. Во одговорот не добивме информации дали и во министерствата се ангажирани посебни видео и фототимови и не ги добивме финансиските средства што се издвојуваат за оваа намена.

„Во однос на министерствата и ангажираните лица, како сниматели, фотографи или монтажери, бидејќи се работи за кадровско прашање, ве упатуваме да се обратите до лицата задолжени за односи со јавност во министерствата, кои ќе ви ги обезбедат сите потребни информации“, велат од Владата.

Ангажирањето цели готови информациски и медија-тимови го отвора прашањето дали на јавноста под превезот транспарентност може да ѝ бидат сервирани готови медиумски производи за активностите на Владата според однапред подготвена агенда, кои потоа ќе бидат само целосно пренесувани од страна на медиумите? Дали на овој начин ќе продолжи праксата во која медиумите добиваат „копи-пејст“ готови текстови и видеа за владините активности наместо новинарско известување за работата на Владата?

Комуникологот Арсовски коментира дека тоа не е проблем на Владата колку што е проблем на професионалните медиуми.

„На секоја влада ѝ е добредојдено да ви даде готово соопштение и вие така да го објавите непрегледано, немонтирано, тоа е прашање на капацитет на медиумите и дали тие ја прифаќаат таа игра знаејќи дека тоа се случува.

Тие си се научија дека ќе добијат готов производ и владините портпароли знаат дека тоа е така и гледаат максимално да ја искористат оваа пракса и за тоа не можам да им се лутам ним затоа што е повеќе прашање на мрзливост на медиумите“, смета Арсовски.

Од Владата во одговорите на прашањата што ги доставивме до нив не негираат дека во министерствата и Владата е зголемена бројката на луѓе што работат пиар и комуникации ниту, пак, ги негираат податоците за платите.

Тие во повеќе наврати најавија зголемување на транспарентноста на институциите и поголема отвореност за информации кон новинарите и јавноста. Засега е видливо дека портпаролите во институциите се подостапни за контакт со новинарите за разлика од претходната власт каде што во многу институции беше тешко да се добие информација или воопшто да се воспостави разговор со некои портпароли. Сепак, сè уште е прерано суштински да се процени транспарентноста и како ќе се постави Владата на долг рок кога медиумите ќе истражуваат теми што не се занимаваат со работењето на претходната, туку на оваа власт. Транспарентноста не се мери според преплавување на медиумите со готови соопштенија, туку со достапноста на одговори што не секогаш одат во корист на владината агенда, коментираат комуниколозите.

МВР, МНР, за животна средина и за култура водат меѓу министерствата

Од министерствата, според информациите што ги добивме, најмногу вработени што се грижат за односите со јавноста имаат Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за надворешни работи и Министерството за животна средина.

Министерство за животна средина и просторно планирање е едно со најмногу вработени за пиар и комуникации. Во Секторот за комуникација со јавноста во 2016 година работат 7 државни службеници, а истиот број вработени се и во октомври 2017 година. Бруто-платите за овие вработени на годишно ниво изнесува 2.948.148 денари.

Во Министерството за финансии во 2016 и во 2017 година имаат двајца вработени од областа на односи со јавноста и вкупниот буџет наменет за плати и други финансиски трошоци за минатата година изнесува 580.644 денари,а за 2017 година изнесува 583.164 денари.

Во Министерството за финансии со авторски договор за вршење стручни услуги, од 19.7.2017 година е ангажирана и Јована Аврамовска, која дава стручни услуги од областа на односи со јавноста, но не е наведена сумата за нејзиниот хонорар.

Од Министерството за правда, според одговореното барање за слободен пристап во оваа институција, нема портпарол или лица што работат комуникации и пиар. Сепак, новинарите контактираат со портпаролката Радица Тодоровска, која и за „Макфакс“ потврди дека работи односи со јавност во Министерството.

Во Министерство за информатичко општество и администрација во одделението за односи со јавност и во 2016 и во 2017 година има тројца вработени. Од јули 2017 годинава вработен е и посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на министерот, кој не е административен службеник и не е во рамките на одделението за односи со јавност. Вкупниот буџет наменет за плати во 2016 година бил 1.115.504 денари и тие податоци се однесуваат и за 2017 година.

Во Министерство за локална самоуправа лани и годинава работат двајца службеници пиар и за нивните плати се трошат 1.081.812 денари годишно.

Во Министерството за надворешни работи годинава ја зголемиле бројката на вработени во одделението за односи со јавност, каде што во 2016 биле вработени шест лица, а годинава биле дополнително вработени уште двајца ангажирани со договор на определено време.

Во 2016 година платите изнесувале 1.755.258 денари во бруто-износ, а заклучно со септември 2017 година им се исплатени 2.120.013 денари по основ бруто-плати. Во вкупниот бруто-износ на плати во 2017 година се пресметани и бруто-платите на ангажираните со договор на определено време.

Министерството за култура во 2016 година вработувало или ангажирало 8 лица за односи со јавност, вклучувајќи и тројца соработници за неговата веб-страница, кои таа година добиле вкупно 1.134.587 денари.

Вкупниот бруто-износ за плати за вработените за односи со јавност и комуникации оваа година изнесувал 2.455.859 денари.

Во 2017 година во одделението за односи со јавност во Министерството за култура исплатени се бруто-плати во износ од 1.831.809 денари заклучно со септември. Едно од лицата годинава користи неплатено отсуство, односно му мирува работното место, а друго лице поднело барање за престанок на работниот однос. Во октомври 2017 година вработени се седум извршители, од кои едно работно место е во мирување.

Иако во одговорот на барањето испратено до нив не е споменато, во Министерството работи и Петрит Сараќини, посебен советник за култура во редовен работен однос на определено работно време, кој исто така координира односи со јавност од Кабинетот на министерот.

Во Министерството за економија лани имале 5 вработени во одделението за комуникација, протокол и односи со јавноста, а годинава имаат 6 вработени, вклучувајќи ги и раководителот на секторот за координација на активностите на министерот и вработена со договор на дело, кој врши работни задачи во одделот за односи со јавноста.

Вкупниот буџет за 2016 година изнесувал 2.325.852 денари, а за 2017 година изнесува 2.695.416 денари (во бруто).

Колку лица работат пиар во МВР – строго доверливо

Од Министерството за внатрешни работи во однос на бројот на вработени во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања нè известија дека не се во можност да одговорат на нашето прашање бидејќи одговорот претставува дел од актот за систематизација на работни места во Министерството, кој со закон претставува класифицирана информација со степен на класификација строго доверливо во согласност со член 6, став 1, алинеја 1 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Сепак, според нивната веб-страница, во Министерството за внатрешни работи се вработени 12 портпароли и советници за односи со јавност, што значи дека во Министерството најмалку 12 лица работат односи со јавност и комуникации, но оваа бројка може да е поголема.

Во Министерството за образование и наука минатата година вработиле пет лица, а годинава дополнително како советник за односи со јавност во Кабинетот на министерката Рената Дескоска го ангажирале поранешниот пленумец Владимир Делов.

Во 2016 за плати во ова Министерство биле издвоени 2.368.257 денари, а годинава до септември се издвоиле 1.772.739 денари.

Во Министерството за здравство во 2016 и во 2017 година во одделението за односи со јавност се вработени 3 (три) лица, а од јуни годинава како посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на министерот е ангажиран Костадин Петров, кој не е административен службеник.

Вкупниот буџет наменет за плати минатата година изнесувал 1.112.200,00 денари, а годинава ќе бидат додадени плус 30 илјади денари месечно за хонорарот на советникот.

Во Министерството за транспорт и врски во двете години работат две лица, а трошоците за бруто-плати изнесуваат 1.140.500 денари годишно.

Од Министерството за земјоделство ни одговорија дека во последните две години тие немаат вработени државни службеници во одделението за односи со јавност, но односи со јавност и комуникации работи Соња Трпчевска-Јанковска, која претходно беше новинарка во телевизијата „24“.

Во Министерство за одбрана односи со јавност лани работеле пет лица, а годинава работат четири лица. Вкупниот буџет наменет за бруто-плати лани изнесувал 2.028.000 денари, а заклучно со октомври годинава изнесува 1.330.000 денари.

Во Министерството за труд и социјална политика во 2016 работеле три лица, а годинава вработено е уште едно лице во Кабинетот на министерот како советник за односи со јавност.

Лани се исплатиле 1.443.732 денара за плати, а годинава за редовно вработените три лица исплатени се 1.056.421 денар по основ плати. За советникот во Кабинетот за периодот од 20.7.2017 до 20.9.2017 исплатени се 71.432,00 денара.

Освен во 15-те министерства и Владата, лица што работат односи со јавност има и кај министрите без ресор, како и потпреседателите на Владата, но тие имаат и други работни обврски. Според информациите што ги добивме од Владата, во постојната систематизација министрите без ресор немаат лица што работат исклучиво односи со јавност. Некои од советниците, покрај другите работни обврски, покриваат одредени задолженија за односи со јавност.

„Во 2017 година бројот на луѓето што меѓу другите работни обврски извршуваат и дејности поврзани со односи со јавност е 10 вработени, во кои не спаѓаат вработените во кабинетите на Бујар Османи и Хазби Лика за кои во евиденцијата на Секторот за човечки ресурси во Генералниот секретаријат на Владата на РМ не постојат податоци, односно дека се вработени или ангажирани од друга/и институции.

Бруто-платата за 10 вработени во овие кабинети за периодот од 1.7.2017 до 31.12.2017 изнесува 1.800.961,58 денари. Во 2016 година бројот луѓето што меѓу другите работни обврски извршувале работни обврски и дејности поврзани со односи со јавност е 7 вработени, во кои не спаѓаат вработените во кабинетите на замениците на Владата за европски прашања и за Рамковен договор и политички систем за кои во евиденцијата на Секторот за човечки ресурси во Генералниот секретаријат на Владата на РМ не постојат податоци, односно тие се вработени или ангажирани од друга/и институции.

Бруто-платата за 7 вработени во овие кабинети за периодот од 1.1.2016 до 31.12.2016 изнесува 3.374.002,00 денари“, се вели во одговорот од Владата.

Продолжува: Кои се новите вработени во Секторот за комуникации на Владата?

Кристина Озимец

Daily news

Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Објавено пред

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.

dobivaj vesti na viber

Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.

Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.

Прикажи повеќе...

Daily news

Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Објавено пред

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.

dobivaj vesti na viber

Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.

На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.

Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.

Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.

Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.

„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.

Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.

Прикажи повеќе...

Daily news

Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас

Објавено пред

Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.

dobivaj vesti na viber

Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.

„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.

Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија37 минути

Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации

Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на...

Македонија1 час

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот...

Македонија4 часа

За лекарски прегледи се чека и со месеци, а стотици термини останале празни оти граѓаните не дошле: „Ако не можат, нека откажат преку СМС“ – апелираат надлежните

Граѓаните што не може да го искористат закажаниот „Мој термин“ во јавното здравство, преку СМС-порака да го откажат за да...

Македонија5 часа

И средношколците ќе протестираат поради јавниот превоз во Скопје

Сојузот на средношколците го поддржува и ќе учествува на денешниот протест посветен на решавање на проблемот со недостигот на јавен превоз...

Топ5 часа

Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир

Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР. Несреќата...

Македонија8 часа

Почувствуван земјотрес во Македонија

Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија. Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е...

Македонија8 часа

(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица

„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор...

Македонија8 часа

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е...

Свет9 часа

Унгарија го поддржа Нетанјаху: Одлуката на Меѓународниот кривичен суд е апсурдна

Министерот за надворешни работи на Унгарија ги критикуваше налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху...

Европа9 часа

Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев

Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се...

Свет11 часа

Ким Џонг-ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се...

Топ20 часа

Деветнаесетгодишна девојка го управувала автомобилот со којшто беше усмртена жената во Чаир

Деветнаесетгодишна девојка (А.Џ.) управувала со автомобилот „сеат алтеа“, со којшто попладнево беше прегазена жената во скопската населба Чаир којашто почина...

Скопје20 часа

Студентите на протест поради јавниот превоз, бараат и набавка на нови автобуси и велосипедска инфраструктура

Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од...

Топ22 часа

Трагедија вечерва во Чаир: Загина жена, ја прегази автомобил

Жена загина во скопската неселба Чаир, кога во неа удрил автомобил со скопски регистерски ознаки. Според информациите од СВР Скопје...

Скопје1 ден

Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата за ЈСП

Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше...

Македонија1 ден

(Видео) Избегната тепачка во Собранието, Гаши го повика обезбедувањето

Во македонскиот парламент денеска избегната тепачка меѓу некои од пратениците. Инцидентот се случи меѓу лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, и...

Македонија1 ден

Црната листа на САД е многу динамична и отворена за додавање нови имиња, порача Агелер

Американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со црната листа на САД, рече дека таа е...

Скопје1 ден

(Видео) СДСМ со решенија за кризата во Скопје: закон за финансиска поддршка на Градот и на ЈСП, субвенциии за гориво, вели Јанчева

„Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се...

Македонија1 ден

ЈСП избрало неприфатлива понуда во набавката на „евродизелот“, утврдени неправилности во постапката, соопшти Бирото за јавни набавки

Постапката за јавна набавка на „евродизелот“ објавена од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото...

Скопје1 ден

Славески свика итна вонредна седница на Советот на Скопје поради колапсот на јавниот превоз

Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да...