Daily news
Дождот спречи нов штрајк против Синдикатот во „Фени“
Над 400 вработени во кавадаречкиот металуршки комбинат „Фени индустри“ и за денеска планираа штрајк против синдикалното раководство, но го одложија поради дождот. Тие во петокот повеќе од еден час протестираа пред управната зграда на фабриката со барање да им се исплати платата и синдикатот да престане со притисоците во корист на бугарски „Енекод“.
„Баравме објаснување од синдикалното раководство за доцнењето на платата. Додека ние штрајкуваме, тие се криеја во канцелариите. Синдикатот одамна не нè претставува нас работниците, туку притиска на сите начини бугарската компанија да ја добие фабриката. Викендов се вршеше невиден притисок врз вработените. Ни се јавуваат дома, се закануваат дека ќе нè бркаат од работа ако не го поддржиме Синдикатот. Нас не нè плаши притисокот, денес не излеговме само поради дождот, а сегашното синдикално раководство повеќе не важи за нас. Тие сами си носат одлуки. Еве и денес на состанок повикаа само двесетина луѓе што ги сметаат блиски за повторно да кажуваат лаги. Им кажале дека плата нема и дека ќе се чека рочиштето в среда за нова одлука за исплата на платата. Нема одлука ниту дали ќе им ги вратат парите за огревно дрво на оние што платија преку Синдикатот. Останаа беа дрва, без пари и без плати“, вели вработен во „Фени“.
Според него, небулозни се заканите дека работниците ќе ја исклучат печката во „Фени“ ако не им се исплати платата за што минатата недела извести Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството. Вработените велат дека се свесни дека исклучување на печката значи крај за „Фени“, а тоа, според нив, им одговара само на малкумина.
„Зад заканите дека ќе се исклучи печката повторно стои криминално раководство и поддржувачите од Синдикатот на фабриката. За да не се открие криминалот, тие се спремни и да ја изгасат последната линија, која се одржува на минимум. Ако и неа ја изгасиме, ќе останеме без леб, каде ќе бараме работа?“, велат вработените.
Претседателот на Синдикатот на „Фени“, Ѓоре Палитов, и денеска не беше достапен за коментар.
В среда судот во Велес треба да расправа за можноста за отворање стечај за „Фени“. Ова ќе му биде втор обид на овој суд да ја почне постапката кога на 13 номеври на првото рочиште директорот на „Фени“, Рајчо Кацаров, кој во исто време е директор и на бугарски „Енекод“, пред почетокот на судењето побара изземање на судот со барање тоа да се одржи во некој скопски суд оти банките се од Скопје. Врховниот суд го отфрли барањето и повторно го врати предметот во Основниот суд во Велес.
Стечај за „Фени“ иницираа банките кредитори на комбинатот поради долг што надминува 60 милиони евра, од кои 40 милиони кон нив и 20 милиони евра кон други доверители.
Банките не ја исклучуваат можноста за нова правна опструкција од страна на раководството на „Фени“, кое на секој начин се труди да ја одолжи постапката за сечај.
Минатата недела во состојбата на „Фени“ увид направија претставници од три компании заинтересирани да ја купат фабриката. Од новиот инвеститор, како што рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, зависи и платата на вработените. Таа ќе се исплати во моментот кога новиот инвеститор ќе депонира пари во банките.
(М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.