Daily news
Град Скопје изработи физибилити анализа за намалување на ризикот од поплави
„Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот Регион“ е името на студијата која Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП, а која денеска беше презентирана пред јавноста. На презентацијата на овој значаен документ присуствуваа претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, како и претставници од скопските општини, јавните градски претпријатија, министерствата и научните институции, невладини организации и граѓани.
– Градот Скопје почнува нова пракса во начинот на работењето, во смисла на споделување на резултатите од научните студии со јавноста. Скопје е град за кој природните катастрофи не се непознати, а дел од нив се последица и на климатските промени, предизвикани од човечкиот фактор. Токму затоа, како вовед во денешнава презентација сакам да потенцирам дека Градот Скопје и УНДП во декември 2014 година почнаа заедничка реализација на проектот за зголемување на урбаната отпорност на природни катастрофи и климатски промени, со примена на информатичка технологија, кој сè уште е активен. Резултатите од проектот се воочливи, високо котирани и се многу важни за Градот Скопје – рече пред присутните Љубица Јанчева, претседателот на Советот на Град Скопје.
Јанчева објасни дека предмет на денешнава работилница е „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот Регион“, изработена од Град Скопје, во соработка со УНДП, во рамки на проектот „Зголемување на урбаната отпорност со примена на информатички технологии за намалување на ризиците од катастрофи и климатски промени. Во анализата, рече таа, се сублимирани сите активности, анализи и моделирања во делот на поплавите во секторот води, во Стратегијата за климатски промени и по поплавите во септември 2016, како последица од поројните води на Скопска Црна Гора.
– Градот Скопје е наш заеднички град. Токму поради тоа, треба сите заедно да дејствуваме и да работиме за негово приспособување, а Град Скопје е подготвен да ја преземе лидерската улога за сите проекти што во иднина треба да се развиваат и да се реализираат – нагласи Јанчева.
Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, објасни дека темата со поплавите кај нас стана особено актуелна по поплавите во 2015 година и по минатогодишната поплава во Скопје. Според Винтон, систематски треба да се работи на намалување на ризиците од поплавите имајќи го предвид пред сè доброто и безбедноста на луѓето зашто алармот од климатските промени е веќе вклучен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.