Daily news
(ВИДЕО) Заев: Македонија е препознаена по позитивниот придонес во секој вид иницијативи за поширока и подобра соработка во регионот
Во развојот на НАТО низ историјата бевме сведоци на многу иницијативи кои имаа за цел да осигураат мир и благосостојба на сите граѓани низ целиот свет, рече премиерот Заев за време на неговото обраќање на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Јадранската повелба и на САД (А5).
„Во мај 2003 година Албанија, Македонија и Хрватска како членки во платформата Партнерство за мир, со цел да ги координираат своите активности во процесот на интеграцијата во НАТО, ја потпишаа Јадранската повелба, тогаш наречена А3, за регионална соработка, под покровителство на САД.
Во јануари 2009 година Јадранската повелба доби нов формат, А-5, откако во оваа иницијатива беа вклучени и новите земји-членки на групата: Црна Гора и Босна и Херцеговина. Столбовите врз кои се издигна заедничката Јадранска повелба се: Партнерството и интеграцијата на државите потписнички во иницијативите на НАТО; Имплементацијата на реформите за демократија и владеење на правото; Почитување на човековите права и слободи; и Економските реформи. Сите овие столбови претставуваат предуслови за мир и стабилност во регионот.
Соработката на земјите-членки на Јадранската повелба доби на суштина и во заедничките решавања на регионалните безбедносни проблеми, борбата против организираниот криминал и корупција, и безбедноста на границите.
За време на сите изминати години Република Македонија како држава потписничка на Јадранската повелба, со своето активно учество во мировните операции на Алијансата низ светот ја презеде одговорноста активно да придонесува во заедничките вредности што ги делат земјите-членки на НАТО.
Да се потсетиме дека Јадранската повелба ги мотивираше земјите-членки во рекордно време да ги достигнат стандардите и критериумите за членство во Алијансата. Добивањето покана за членство не беше воопшто во прашање. И навистина, на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година – Албанија и Хрватска добија покана за членство во НАТО и станаа дел од оваа моќна организација.
За жал, Република Македонија остана пред вратите на НАТО поради спорот со Грција, иако сите се согласија дека нашата земја ги исполнува сите критериуми. И за жал, веднаш по тој настан, Република Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешката политичка криза во земјата по осамостојувањето. Оваа криза ги запре, па дури и ги уназади отворените евро-атлантски процеси.
Но, демократските сили на Република Македонија, во содејство со слободоумните граѓани на земјата, се издигнаа над кризата и апатијата што го беше запоседнало општеството, и ја вратија надежта. Последно, но не помалку важно, овие заложби можеме да ги оствариме со силна поддршка од страна на САД, нашиот стратешки партнер, и ние сме особено благодарни за тоа.
Денеска Република Македонија стабилно и енергично чекори напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.