Daily news
(Видео) Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ лидер независен од Груевски?!
По најавената оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, според Статутот на партијата, Централниот комитет треба да закаже седница и да почне процедура за вонреден конгрес, кој треба да се одржи на 23 декември.
Паралелно со оставката на Груевски во јавноста веќе се споменуваат имиња што би можеле да го заменат Груевски. Некои од нив се генералниот секретар Христијан Мицкоски, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Никола Поповски, сите тројца членови на Извршниот комитет на партијата. За универзитетскиот професор Јове Кекеновски, вонредниот конгрес што го најавува Груевски и лицата што се споменуваат за нов лидер не се среќно решение за ВМРО-ДПМНЕ затоа што тоа се луѓе блиски до Груевски преку кои тој би бил лидер во сенка.
„Намерата на Груевски ниту е фер ниту чесна. За старите вмровци, организирањето ваков конгрес е неприфатливо. На партијата не ѝ треба лидер што е близок до Груевски, тој нема да донесе промени во партијата. Ваков конгрес не е демократски, тој ја отсликува скриената намера на Груевски за владеење со партијата“, рече Кекеновски за „Макфакс“.
Централниот комитет има речиси 130 члена и во него се претставниците на општинските комитети, Извршниот одбор, раководството и други партиски тела. Статутот на партијата предвидува одлуката за одржување вонреден конгрес да се донесе со половина од вкупниот број членови. За професорот и аналитичар Ненад Новковски, кој е и еден од најстарите членови на ВМРО-ДПМНЕ, комитетот ќе се состане во формална смисла и ќе ја донесе оваа одлука, но таа ќе биде во интерес само на старото раководство. Според него, членовите на Извршниот и на Централниот комитет треба да си дадат оставки заедно со Груевски.
„Промени може да има доколку старото раковдство се повлече од партијата. Во една демократска држава тоа е сосема нормално. Ние постарите членови можеме да поверуваме во намерата само доколку сите членови на ИК си поднесат оставки заедно со претседателот на партијата. Тогаш ќе бидеме сигурни дека никој од овие лица нема да биде на чело на партијата“, изјави Новковски за „Макфакс“.
Според аналитичарот Кекеновски, вистинска промена во партијата би се случила доколку се изберат нови органи, кои би имале доволно време да организираат демократски избор на нов лидер.
„За да се избере нов лидер, потребна е цела постапка со нови тела и нови органи со распишување транспарентен оглас за пријавување кандидати. Таа постапка не треба да се одвива набрзина како што сега тоа сакаат да го направат Груевски и неговата дружина“, изјави Кекеновски.
Неколку месеци смена, односно демкратски избор на највисоките тела на партијата, бараат и иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, реформаторите бараа промена на Статутот на партијата, оставка од Груевски и формирање управувачки комитет како привремено тело со рок до кога би се спровеле внатрепартиски реформи. По ова, би требало да се одржи конгрес, кој би бил демократски и прифатлив за најголемиот број членови.
Со слични ставови, кои се приклучија на оваа иницијатива, беа и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои јавно повикаа на т.н. процес на дегруевизација.
Подемократска ВМРО-ДПМНЕ очекуваат и ветераните, кои, покрај оставка, побараа и распуштање на сегашниот состав на Извршниот и на Централниот комитет.
Инаку, последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во мај 2015 година во Куманово. Тогаш Груевски како премиер и претседател на партијата беше единствениот кандидат за претседателската позиција и го поддржаа 538 од 560 присутни делегати.
За да биде веродостоен најавениот конгрес кон крајот на декември, треба да присуствуваат најмалку 250 делегати.
Г.Д.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.