Daily news
(Видео) Жерновски ги посочи тепачите од Центар, адвокатите негодуваа за прашањата на Фетаи
„Го раскажав она што го доживеав при упадот во Општината. Се надевам дека организаторите ќе одговараат за тоа што го сторија и да не се случи ова никогаш повеќе“, рече поранешниот градоначалник Андреј Жерновски на судењето за насилството во Општина Центар.
Тој претходно општино одговараше на прашањата на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, за тоа што се случувало во 2013 година на седницата на Советот на која се случи упад во Општина Центар. Според Жерновски, на седницата требало да се поништат тогашните ДУП-ови, односно идејата била да се поништат градбите што не се започнати. Фетаи праша дали тука влегувала и изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, на што тој одговори потврдно.
Фетаи го праша Жерновски чии интереси биле загрозени со поништување на ДУП-овите, а на прашањето реагира адвокатот Дончо Наков бидејќи со прашањето ќе се добие субјективен одговор, нешто што не видел и не чул, без притоа да бидат предочени факти за основаност. По него, приговор имаше и адвокатот Димитар Дангов, кој рече дека прашањето е наведувачко и во оваа фаза од постапката тоа не било дозволено. „Барам мислење од сведокот, а тоа мислење е за нешто што можеби чул или видел, а во однос на забелешките на колегата Дангов, можам да го посоветувам малку подетаљно да прочита за начинот на испитување на сведокот“, рече Фетаи.
Адвокатот Дончо Наков се согласи со прашањето на Фетаи по нејзиното образложение, но судот не го дозволи прашањето бидејќи, според нив, одговорот на сведокот би бил субјективен. Фетаи продолжи со распитот и го праша Жерновски кои градби би биле опфатени и поништени. „Посебен акцент беше ставен на Малиот ринг бидејќи таму беше планиран проектот „Скопје 2014“, рече Жерновски. Тој додаде дека невладината организација „Веритас“ реагирала наводно поради тоа што ДУП-овите ќе го спречеле градењето на црквата „Св. Константин и Елена“, иако тој уште на почетокот на седницата кажал дека со поништување на ДУП-овите нема да се спречат градбите што се започнати.
„Невладината организација ‘Веритас’ не постои и не е запишана во Централниот регистар, ова го констатиравме при пријавата во МВР. Бидејќи беше јасно какво е сценариото, дека има отворен повик за протест, дека се манипулира со граѓаните, притоа дека протестите ќе се одржат пред Општината, го информиравме МВР“, додаде тој.
Жерновски рече дека пред започнување на протестот се собрале граѓани пред бараката на градоначалникот извикувајќи погрдни зборови сакајќи да го спречат почетокот на седницата. Тие извикувале: „Комуњари, излезете надвор, антифашисти, вие ќе рушите црква“. „Во моментите кога се собраа граѓаните имаше викање со обид да се спречи започнувањето на седницата и да се мобилизира повеќе народ. По започнување на седницата, граѓаните почнаа со лупање по прозорците, по што ги отворија“, рече Жерновски.
По низата приговори од страна на странките обвинети за „Шлаканиците во Центар“ и прашањата на адвокатот Дангов дали има визуелно и тонско снимање, судијката Татјана Михајлова рече дека има и ќе повтори уште 100 пати, а дека судот располага со опремата што тој ја гледа, а не со она што тој го гледал во американските филмови.
Во однос на однесувањето на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жерновски рече дека тие со низа процедурални забелешки и интервенции се обидувале да го спречат започнувањето на седницата и тоа траело подолг период. Жерновски кажа дека седницата траела до 18.30 часот и била прекината затоа што не постоеле услови за одржување и се обиделе да спречат поголем инцидент, а била јасна намерата на граѓаните што упаднале.
„Седницата беше презакажана за понеделник, а за време на викендот се обидов да ѝ објаснам на јавноста дека немаме намера да го спречиме градењето на црквата со тоа да се спречат манипулациите. Сценариото беше двојно полошо. Имаше повеќе граѓани пред бараките на Општината, буквално од страната кај што седат советниците на СДСМ беа фрлани тврди предмети. За разлика од првиот напад во петокот, во понеделникот МВР не реагира, па граѓаните лесно доаѓаа до бараките и го загрозуваа нашиот живот. Ги прашав некои од полицајците зошто не реагираат, тие ми вратија со цинична насмевка“, рече Жерновски одговарајќи на прашање од обвинителката Фетаи.
Жерновски во својство на сведок рече дека протестите биле насилни и при едно од многуте кршења на прозорците едно парче летнало кон една советничка. „Бараките се тесни, па лесно се слушаат и забележуваат комуникациите. Беше очигледно дека постои комуникација помеѓу советниците на ВМРО и граѓаните што се однесуваа насилнички пред Општината. И кога се создадоа минимум услови за почеток на седницата, протеситите се интезивираа. Рангелова побара од мене да излезам надвор и да се соочам со граѓаните, а целта беше јасна“, рече Жерновски.
Фетаи праша како се смирила ситуацијата, а Жерновски рече дека состојбата била крајно критична бидејќи граѓаните немале намера да се повлечат, а специјалните единици од МВР не реагирале. „Веста за насилничкото однесување и инцидентите беше веќе објавена во медиумите, а кај мене во канцеларијата пристигнаа амбасадори, претставници на ОБСЕ итн. Убеден сум дека инцидентите ќе продолжеа ако тие не контактираа преку свои канали и не повикаа на престанување на ситуацијата. Ние бевме спречени да излеземе од бараката. Имаше чувство на страв и несигурност, загрозени беа нашите животи. Настанот беше пријавен во МВР. И покрај тоа што покажував фотографии од напаѓачите на кои беа и видни луѓе од ВМРО ДПМНЕ, МВР не реагира“, рече тој.
По одговорот на Жерновски, Фетаи праша дали тој знае од кои општини биле демонстрантите. „Во принцип, ги знаеме нашите сограѓани. Меѓу демонстрантите најмалку имаше жители на општина Центар. Покажав и записник од општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ Центар, каде што се разговарало за мобилизација на членството за да дојдат пред Општина Центар. Еден од тие го препознавав, а беше во судницата на претходните рочишта. Тој бил и на други протести на ВМРО-ДПМНЕ и е еден од најжестоките. Тој, наместо антихрист, ме нарече антифашист, што не го сметам за навреда, рече Жерновски, кој всушност алудира на Димче Христов – Жабата од Прилеп. Жерновски препозна уште еден од напаѓачите обвинети за шлаканиците во Центар, кој, како што го опиша, се сликал со видни луѓе на високи функции вклучувајќи го и претседателот Ѓорге Иванов.
На претходните рочишта вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013 признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски. Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова. Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во 2013 година.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.