Daily news
Вонредна инспекција: Во „Дрисла“ загадувањето од медицински отпад над дозволената граница

За време на вонреден инспекциски надзор на Депонијата за комунален отпад „Дрисла“ во селото Батинци, што бил извршен на 1 декември, Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека воздухот се загадува со јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прав од согорувањето во печката за медицински отпад.
Инспекцијата констатирала дека печката за согорување медицински отпад во моментот на била вклучена, но таа работи секојдневно во две смени со капацитет од 250 кг/час, односно 3 тона на ден. „Дрисла“, согласно со дозволата, врши месечни мерења на емисија на гасови од емитерот/оџакот на инсинераторот од страна на акредитираната лабораторија за животна средина „Технолаб“ за што се изработени месечни извештаи.
„Од добиените резултати од мерењата на емисија на загадувачки супстанции во воздухот од печката за спалување медицински отпад, за месеците септември-октомври е евидентирано надминување согласно со Правилникот на граничните вредности за параметрите, односно просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прав. Поради ова надминување и повреда на законска одредба, ДИЖС поведе постапка која е согласно со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, односно Законот за животната средина за правното лице, а Записникот е потпишан и прифатена е спогодбата која понатаму ќе ја води Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање“, се наведува во соопштението на ДИЖС.
ДИЖС во инспекциската постапка изготвил и Решение за ограничување на работата на инсенераторот за медицински отпад од само 8 часа во период помеѓу 7 и 19 часот и целосна забрана за работата на печката за согорување медицински отпад кога се надминати праговите на алармирање на загадување на град Скопје за мерната станица Лисиче.
„Дрисла“, покрај мониторингот од страна на „Технолаб“, има поставено и сопствена помала автоматска станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух, а резултатите од мониторингот се објавуваат на интернет-страницата на Депонијата. Од 2016 година за сопствени потреби Дрисла врши мерење на јонизирачко зрачење (радиоактивност) на отпадот што влегува и на разни делови на самата депонија. Записите за мерењата укажуваат дека мерењата се вршени на целата површина на депонијата „Дрисла“ почнувајќи од влезот каде што им се врши мерење за јонизирачки зрачење на одредени возила кои носат отпад, па завршувајќи на самото тло на депонијата каде што е депониран отпадот. За извршените мерења „Дрисла“ води дневник за интерни потреба за јонизирачките мерења и истиот е достапен за увид на надлежните институции. Радијационата сигурност е во надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност.
При надзорот констатирано е дека на депонијата се носат и одредени количини празни канистри од компанијата „Кемет електроникс“ од ТИРЗ-Бунарџик. Тие се уништуваат со компактирање во телото на депонијата. Во одредена полузатворена просторија во кругот на депонијата организирано е собирно место за отпадни масла, веднаш до сервисот за механизацијата на правниот субјект и истите се собираат во метални буриња, а потекнуваат од сервисирање на сопствената механизација. Собраното отпадно масло се предава на „Аутохаус-Заковски“ од Скопје, компанија овластена од Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.