Daily news
Капитол мол го прослави 4. роденден
Вчера последен ден од роденската прослава на Капитол мол, кој прослави 4 години од отворањето. Веќе 4 години по ред Капитол мол е една од главните дестинации за добар шопинг и забава за сите генерации – од најмладите до најстарите. И покрај тоа што е прилично нов мол, во Капитол мол шопингот е само една од многуте можности кои ги нуди, а вреди да се споменат и фитнес-центарот опремен со најнови машини за вежбање, кугларница, одлична игротека, кафе, добра храна и супермаркет.
За време на детската програма беа вклучени многу активности за деца проследени со прекрасна музика. Помалите посетители имаа можност да се активираат во правење креативни роденденски честитки и во боење и цртање на роденденската торта на Капитол мол каде што беа придружени од уметниците Тоциновски, вклучени беа и многу семејни игри каде што семејствата имаа можност повторно да се обединат на едно место и да имаат незаборавни моменти.
Детската радост беше исполнета со годишното финале на ЛЕГО турнирот каде што доаѓа до израз и натпреварувачкиот дух, со присуство на аниматори, семејни игри, креирање роденденски честитки, но и роденденско караоке во игротеката Кидс парк со „Поточиња“. Овие активности резултираа со огромна среќа и насмевки кај најмалите. Радоста и возбудата беа зголемени со салса танчарите од „Академија рекреатива“, забавување со пантомимичари и куклено шоу. Идејата за одржување на овие точки беше да се запознаат децата со нешто поинакво за разлика од забавата која ја нудат сите електронски уреди. Целта на роденденската програма беше да се создаде среќа и насмевки кај најмалите во текот на целата роденденска прослава на Капитол мол.
Забавната програма беше наменета за сите возрасти. Главна тема на оваа програма беше музиката и танцувањето како симбол за веселба, така што центарот беше исполнет со забавната музика на диџеј Матс, настап на најпознатото танчарско студио во Скопје и пошироко – Беатрикс кру, чувствување на роденденската магија преку магионичарско шоу и со фантастичната музика на Кантри диџеј. Веселбата продолжи за време на викендот со музиката на диџеј Бранчез, настапот на Брас брадерс, како и приредување на детска ревија со Тила.
Поинаква точка беше приредена во понеделникот со поетската вечер кога беше презентиран поинаков поглед на целата прослава, со многу душа и уметнички елемент. И за крај, роденденската забава беше завршена со хуманитарниот настан „Од децата за децата“ кој беше специјално посветен за сите деца со посебни потреби, за заедничка дружба, ширење љубов и заедништво, како и класичниот музички концерт на училиштето „Кредо“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.