Daily news
Груевски за претпоследен пат на судење во 2017 година
Експремиерот Никола Груевски за последен пат ќе се појави на судење во 2017 година. Тој заедно со ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се обвинети во случајот „Траекторија“ за провизиите за изградба на кинеските патишта. Груевски во судот треба да се јави уште двапати, утре за „Насилство“ и кај шалтерски службеник за одземениот пасош.
Засега за Груевски има активни 2 од 5 обвиненија. Судењата за „Титаник“, предметот за кој СЈО бараше за него притвор, „ТНТ“ за уривањето на Космос и „Тенк“ за набавката на екстралуксузниот мерцедес сè уште не се закажни.
Главната расправа за „Траекторија“ сè уште не е почната. Петчлениот судиски совет го одби барањето на адвокатот на Груевски минатото рочиште да биде одложено поради тоа што немало услови за визуелно и тонско снимање поврзано со АКМИС-системот.
Адвокатите на обвинетите го побараа це-дето со 315 прислушувани аудиоматеријали бидејќи, како што рекоа, тоа е поради еднаквост на оружјата пред судот и дека како странка во постапката мора да ги имаат сите докази. Специјалната обвинителка Лиле Стефанова рече дека обвинетите во секое време и во предистражната и во истражната постапка можеле да направат увид во доказите. Таа рече дека Никола Груевски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески не сакале да ги слушаат бомбите кога биле повикани во Специјалното јавно обвинителство. „Не можеме да ви ги дадеме бомбите поради опасност од размножување и вметнување. 315 бомби и ДВД со СМС-пораки ќе мора да ги слушате во судницата. Можеме само да ви ги дадеме транскриптите, но не и аудиоматеријалите“, рече обвинителката Стефанова.
Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според обвинението, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.