Daily news
Медицинскиот факултет распиша 104 специјализации
Медицинскиот факултет во Скопје на 11 јануари распиша јавен оглас за пријавувавање кандидати за специјализации и супспецијализации за 2018 година. Според објавата на веб-страницата на Маедицинскиот факултет, станува збор за 104 приватни специјализации и 8 супспецијализации. Во вкупната бројка има предвидено специјализации за четворица абдоминални хирурзи, исто толкав број анестезиолози и гинеколози, 5 интернисти, тројца кардиолози, инфектолози и трауматолози, шест нефролози… Конкурсот за пријавување кандидати за специјалзанти е објавен пред да бидат донесени измените на Законот за здравствена заштита, кои се подготвуваат подолг временски период.
Новиот министер за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција пред новинарите рече дека Владата првпат предвидела средства за вработување на 348 приватни специјализанти. Младите лекари кои се на специјализација треба да добиваат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар. Филипче на прес-конференцијата рече дека работат активно со Медицинскиот факултет и Лекарската комора за изнаоѓање соодветен начин за распишување специјализации за одредени медицински гранки врз основа на потребите на стручните здруженија и клиниките.
Најголемиот оглас за специјализации и супспецијализации во 2015 година го објави ексминистерот за здравство Никола Тодоров од вкупно 308 специјализации и 75 субспецијализации. Во 2016 година, Министерството за здравство распиша нов оглас за 100 кофинансирани специјализации за невработени и доктори кои не работат во јавни здравствени установи. Лекарите специјализанти во 2016 година првпат излегоа на протест пред Министерството за здравство, меѓу другото незадоволни и од нерешениот статус за време на спеецијализацијата. Специјализантите во текот на својата специјализација не добиваа плата, немаа статус на вработени лица, беа без здравствено и пензиско осигурување.
Надоместокот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на испит за специјализации, односно супспецијализации e од 9.600 евра за четири години до 13.600 евра за шест години во хируршките гранки односно од 3.300 евра за три години до 11.200 евра за шест години во нехируршките гранки. Овие суми важат само за македонски државјани. За странски државјани изнесуваат 16.000 евра во сите гранки и за сите периоди.
В. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.