Daily news
(Видео) Судиите фатени со спуштени гаќи, велат исклучените од парно и најавуваат протести пред Собрание секој ден
Граѓаните исклучени од парно, а принудени да плаќаат паушал за греење, најавуваат дека од порта „Македонија“ каде што досега протестираа, ќе се преселат пред Собрание и ќе излегуваат на протести секој ден. Исклучените велат дека судскиот систем ги изневерил, никој не ги почитува веќе правилата кои се однесуваат на исклучените од парно, укажуваат на бројни неправди во тужбите против нив, немоќни се против извршителите за кои велат дека за долг од 2.000 денари им одземаат и по 20.000 денари. Бараат Владата да најде решение за проблемите во кои се заглавени веќе четири години, или да си одат од институциите луѓето кои со помош и на нивните гласови се дојдени на власт.
„Ние имаме процеси во суд во кои што судиите не ни дозволуваат да ги образложиме нашите аргументи и докази. Не ни овозможуваат тонско снимање зошто во тој случај тоа ќе биде документирано и ние ќе имаме доказ што сме кажале таму. Ни повикуваат судска полиција иако немаат право на такво нешто за да ни прават притисок на рочиштата“, рече Агапи Тофиловска, во име на исклучените од парно.
Тие сами се застапуваат на рочиштата оти, како што велат, ниту имаат пари за адвокати, ниту пак имаат доверба во адвокатите. Нивниот став е дека во оваа земја тргнувајќи од адвокат до судија, деведесет отсто се за во затвор и бараат властите да почнат да затвораат ако сакаат нешто да сменат. Укажуваат дека постојат судии кои што ги изменуваат записниците и не им овозможуваат да го кажеме тоа што треба да го кажат, а кога ќе се пожалат на таквиот однос никој не реагира. Реагирале кај Судскиот совет, кај министерот за правда и кај претседателот на судот, но помош не добиле.
„Судиите Снежана Таневска, Бајалска, Татјана Поповска – Николовска, јас ова го зборувам од мое лично искуство, она што сум го видела, сум го пријавила и што никој не реагира, тоа не се судии. Тоа се сатрапи. Тие не знам ни дали го знаат правото, всушност сигурно го знаат но така им одговара. Главната поента во проблемот со граѓаните кои што некогаш се исклучени, а сега ‘Блакан енерџи’ ги тужи е во тоа што, на крајот на краиштата, кога сите го прекршиле законот, овие носат фалсификувани исправи како веродостојни исправи, нотарите врз основа на такви исправи носат нотарски решенија. Врз основа на тие нотарски решенија не повикуваат четири години на суд за да ние сега, вака самоуки, разбираме дека судот нема право да не повика на рочиште, не постои активна и пасивна легитимација на страна на странките во спорот. Во тој случај законот вели дека судот е должен со пресуда да го одбие тужбеното барање. Тие ги украле личните податоци, не поседуваат од ниту еден од нас матичен број. Нема никаква поврзаност помеѓу наводниот доверител и БЕГ и нашите станови, а они не судат четири години. Сега судиите се фатени со спуштени гаќи, да простите. Фатени се дека четири години работат криминал и сега не знаат како ќе го оправдаат“, рече Тофиловска.
Исклучените од парно велат дека се при крај со трпението, што беше очигледно на денешниот јубилеен 150 – ти протест кој мина во тензична атмосфера. Лути се на судиите, на нотарите, на извршителите, на старата и на новата власт, а рекоа дека се лути и на медиумите оти ги снимале, но не ги пренесувале нивните изјави.
(М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.