Daily news
(Видео) Силве и Тони ги гушнаа скопјани пред да тргнат на пат околу светот
Со насмевка и широко отворени раце брачниот пар Силве и Тони, авантуристи кои се подготвуваат за пат околу светот на мотоцикл, денес ги пресретнуваа минувачите на влезот во Градскиот трговски центар. На одбележувањето на Светскиот ден на прегратките, Силве и Тони го почнаа гушкањето во Скопје, откако ги изгушкаа граѓаните во сите останати градови во Македонија.
„И јас ве сакам“, беа главно реакциите на скопјани, но имаше и такви кои бегаа и од далеку дофрлаа „имам јас кој да ме гушка“, но и едните и другите со интерес ги ѕиркаа луѓето што делеа бесплатно гушкање. Со гушкање Силве и Тони се подготвуваат да продолжат во повеќе од 45 држави во светот.
Ќе патуваат на мотоцикл, а ќе тргнат во март. Велат дека гушкањето не го избрале случајно за главна активност на патот околу светот. „Ова се гушкањата кои требаше да ги посветиме на нашите деца, но не можеме да имаме деца, па ќе ги гушнеме сите што сакаат гушкање. Се обидувавме 23 години и не се случи, но затоа сега немаме обврски и можеме да си дозволиме пат околу светот “, вели Силве која минала низ шест обиди за ин витро оплодување.
Ќе патува на мотоцикл иако пред да се омажи вели дека воопшто не сакала мотоцикли. За љубов на Тони, член на мотоклубот „Ноќни волци“, успеала не само да се качи на мотоцикл туку стигналата до таму што се разочарува кога некој ќе и каже дека некаде не може да патува со мотоцикл. Идејата за пат околу светот дошла спонтано, а одбрале тоа да биде годинава, за како што велат, да го фатат последниот воз. „Моја животна желба беше пат околу светот на мотоцикл, тоа отсекогаш сум го сакал. Годинава ќе полнам 61 година и сметам дека е вистинско време да го направиме тоа, додека се уште имаме сила“, вели Тони кој веќе го има подготвено планот за патувањето.
Двајцата дале откази на работа, вработени се до први следниот месец, а потоа ќе почнат со интензивни подготовки за големата авантура. Подготвени се да се возат на секакви временски услови, ќе преспиваат по хотели и мотели, а од голема помош им се меѓународните мото федерации. Во земјите каде што има мото федерации Тони им Силве ќе им бидат гости на моторџиите, добиле поддршка и покани од многу места. Во Скопје, покрај „Ноќни волци“ поддршка им даде младинската организација „Млади за љубов“ која 10 – та година по ред организира „Гратис гушкање“. Нивните активисти, заедно со Силве и Тони денес ги гушкаа скопјани. (М.П.И)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.