Daily news
Груевски, Јанакиески и Трајковски на суд – почнува судењето за уривањето на „Космос“
Во кривичниот суд почнува судењето за уривањето на станбениот комплекс „Космос“. Во предметот, кој според новиот распоред на судии ќе го суди Огнен Ставрев, првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се уште 6 лица: ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Истрагата за предметот со кодно име ТНТ беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт. Специјалното јавно обвинителство бараше притвор за Трајковски, но Апелациониот суд во Скопје, наместо таква мерка, му го одзеде пасошот и му наложи еднаш неделно да се јавува во судот. За овој предмет 26 бомби се докази во постапката.
За што се обвинети Груевски, Јанакиески и Трајковски?
Според обвинението, во периодот од 1.4.2011 година до крајот на 2012 година Никола Груевски како премиер и Миле Јанакиески како министер, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цаноски за неговата политичка одлука како претседател на политичката партија ПЕИ да ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и да влезе во коалиција со СДСМ, искористувајќи ја својата реална моќ, го поттикнале обвинетиот ексградоначалник Тони Трајковски да стори кривично дело и да ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект „Космос“, што го градел оштетениот инвеститор. Трајковски ја овластил обвинетата градежна инспекторка да најде начин да го сруши објектот, а таа свесна за последиците и штетата што може да настанат од нејзините дејства постапила спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и на Законот за градењето. За да ја реализира постапката за уривање на станбено-деловниот објект „Космос“, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од пристапната улица на објектот во однос на кој требало да се врши мерењето. Потоа составила записник за констатација, каде што незаконски навела дека целиот објект се изведувал спротивно на основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 метар, по што донела и незаконско решение за отстранување на градбата. Му наредила на инвеститорот во рок од 5 дена по приемот на решението да ја отстрани градбата затоа што целиот објект наводно се градел спротивно на заверениот основен проект и на одобрението за градење по што донела заклучок за уривање.
Со целосното уривање на објектот обвинетите му нанеле штета од големи размери на оштетениот инвеститор во вкупен износ од 1.001.603.149 денари. Во текот на уривањето на објектот „Космос“, кое почнало на 1.8.2011 година, обвинетиот Никола Груевски не бил задоволен со динамиката на уривање на објектот во првите два дена, и веднаш побарал од Миле Јанакиески во најкус можен рок да се сруши објектот „Космос“ со експлозив. Јанакиески, за да го исполни неговото барање, со умисла го поттикнал Тони Трајковски да стори кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и иако немало потреба од нова јавна набавка за примена на друг начин на уривање, донел одлука за јавна набавка за фирма што ќе го изврши уривањето. Фирмата не била регистрирана за дејност уривање и немала лиценца за уривање со експлозивни материи, а Тони Трајковски како службено лице, иако немал планирани и обезбедени средства од буџетот на Општината за конкретната јавна набавка, донел одлука за јавна набавка и овозможил незаконски да се спроведе постапката за јавна набавка и да се фаворизира економскиот оператор.
В. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.