Daily news
Раденковиќ по скандалите: Не знам за договорот за самораспуштање на органите на Институтот на сметководителите
Претседателката на Институтот на сметководителите и овластените сметководители е разрешена во законска постапка, изјави Сашо Раденковиќ, претседател на Надзорниот одбор на Институтот. „Макфакс“ во вторникот објави дека Институтот го тресат скандали бидејќи во управните органи бил утврден непотизам и низа неправилности во работењето поради што било договорено самораспуштање на сите органи, а договорот не го почитувал претседателот на Надзорниот одбор оти пред да се одржи седницата, на која на дневен ред како последна точка било самораспуштањето, ја отповикал претседателката.
Институтот од 22 декември, кога е отповикана претседателката Ленче Папазовска, нема претседател и нема кој да ги потпишува барањата за лиценци и уверенија поради што се соочува со казни од над половина милион евра имајќи предвид дека казната за едно задоцнување е 6.000 евра, а според сметководителите, доцнење има кај 100-ина барања.
Одговорот на претседателот Раденковиќ доцни оти тој изминативе три дена рече дека имал многу работни обврски. Вели дека не знаел оти има договор за самораспуштање на сите органи на Институтот ниту, пак, добил покана за седница на која на дневен ред ќе биде самораспуштањето.
„Никаков договор немало, ниту устен ниту писмен, за какво било самораспуштање, а доколку имале таква идеја, членовите на Управниот одбор не ја соопштиле до нивното отповикување, ниту понесуваат одговорност со прифаќање на нивното разрешување, што е доказ дека ниту планирале ниту сами ќе дале оставка“, рече Раденковиќ.
Папазовска е разрешена без позитивно мислење од Министерството за финансии, на што е обврзан Надзорниот одбор. Од Министерството на прашањата од „Макфакс“ зошто не издале позитивно мислење за разрешувањето, кусо одговорија дека мислењето не е дадено оти не било поднесено барање. Раденковиќ вели дека поднел барање за што има цела преписка со Министерството. Вели дека не знае зошто Министерството ја одолжува смената, што, според него, е на штета на сметководителите.
„Сметаме дека со издавањето позитивно мислење би се надминале проблемите и Институтот би можел непречено да продолжи со работа. За да дојде до нормализирање на функционирањето на Институтот на сметководителите и овластените сметководители, уште еднаш апелираме до Министерството за финансии да издаде позитивно мислење“, рече Раденковиќ.
Тој тврди дека ја отповикал Папазовска оти така одлучиле една половина од избраните претставници од подружниците во Собранието на Институтот поради нетранпарентно и неотчетно работење. Наведува дека Надзорниот одбор немал увид во материјално-финансиското работење на Институтот, а забележува и за тоа што ниту една одлука на Институтот не била објавена на интернет-страницата иако тоа е законска обврска.
Отповиканата Папазовска, пак, вели дека сите нејзини обиди да објави нешто на интернет-страницата на Институтот завршувале со закани дека ако објави, ќе добие кривична пријава и токму затоа целата документација за материјално-финансиското работење со сите податоци за тоа кому Институтот му префрлал пари ја поднела во Министерството за финансии.
Скандалите во Институтот од средата ги истражува Управата за финансиска полиција.
(М. И. П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.