Daily news
45-те милиони евра од ТАВ не се инвестиција, туку обврската за неизградениот аеродром во Штип
Владата и официјално го трампаше неизградениот карго-аеродром во Штип за инвестирање во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта. Утрово владината прес-служба соопшти дека премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот без ресор Аднан Ќахил е во посета на Турција, утврдил дека Групацијата ТАВ, концесионер на македонските аеродроми, ќе инвестира 45 милиони евра за решавање локални инфраструктурни пробеми. Во владиното соопштение 45-те милиони беа претставени како инвестиција, без да се спомене обврската на ТАВ за неизградениот карго-аеродром во Штип, па портпаролот Миле Бошњаковски го дообјасни.
„Денеска во Турција беше утврдено дека парите место за карго-аеродром ќе се наменат за градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта. На средбата не беа утврдени рокови во кои треба да се реализира донацијата, тоа е процес што сега почнува“, рече владиниот портпарол Бошњаковски.
Тој нагласи дека Владата одлучила со анекс на договорот за концесија да направи пренамена на парите предвидени за изградба на карго-аеродромот, за што било расправано на 46. и на 48. седница.
„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, информира за одржаната средба со генералниот директор на компанијата ТАВ Аеродроми-Скопје и за неможноста за изградба на аеродром во Штип поради немање услови за изградба, физибилност, одржливост и слично и укажа на потребата членовите на Владата да ја разгледаат можноста средствата во износ од околу 45 милиони евра предвидени за оваа намена, согласно со Договорот за концесија, да бидат искористени, односно пренаменети/инвестирани во некои други области (пр. училишта, болници, потреби на државата и слично)“, стои во записникот од 46. седница одржана на 28 декември лани.
ТАВ ги презема аеродромите во март 2010 година и се обврза на инвестиција од 200 милиони евра во модернизација и изградба на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот „Св. Апостол Павле“ заедно со обврската по 10 години да изгради и карго-аеродром во Штип, откако ќе биде изготвена метеоролошка студија за локацијата. Според тогашните најави, аеродромот во Штип беше пресметано дека ќе ги чини околу 60 милиони евра. (M.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.