Daily news
Дваесет македонски органски производители и преработувачи со свои производи во Нирнберг
Органските земјоделски производи од Македонија се дел од најголемиот саем за органски производи „Биофах“, кој од 14 до 17 февруари се организира во Нирнберг, Германија. Оваа година на штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дваесет македонски компании ќе се претстават со органски градинарски, житни, овошни, млечни и месни производи, производи од мед, диворастечки производи, органски ѓубрива и преработки на органски производи.
Втора година по ред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија им овозможува на органските производители на сопствен штанд да се претстават на најголемиот саем за органски производи. За подобра промоција на македонските органски производители, Министерството со помош на швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (IncreasingMarketEmployability) изработи промотивен каталог на органски производи, на кој, покрај компаниите што се изложувачи, се претставени и компании и производители што не беа во можност да присуствуваат на овој саем.
Некои од производителите на органски преработки велат дека можноста да се биде дел од најголемиот саем за органска храна овозможува да се остварат директни средби со потенцијални купувачи, но и да се следат трендовите и новините во органскиот сектор.
„Веќе втора година по ред изложуваме на македонскиот штанд на ‘Биофах’. Минатата година остваривме контакти со десетина заинтересирани купувачи, а успеавме и да извеземе производи во Италија. Сметам дека има одлиќна можност да ги претставиме македонските органски производи на најголемиот саем, но и да се информираме и да ги следиме најновите трендови и технологии во овој сектор“, вели Сашко Антовски од „Екстра фунги“.
На годинешното издание на „Биофах“ ќе се претстават 2.950 меѓународни изложувачи, а се очекува да присуствуваат над 50.000 трговци со органски производи и опрема за органско производство. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со поддршка на швајцарските програми ИМЕ и СИППО, овозможи поврзување и организација на состаноци со купувачи на органски производи од Германија и Швајцарија, на кои директно ќе се договараат можностите за извоз на македонски производи на овие пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.