Daily news
„Алкалоид“ со позитивни финансиски резултати во 2017 година
„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 10 отсто, раст на консолидираната нето-добивка од 11 отсто, инвестиции во износ од 861,4 милион денари и 143 нови вработувања во периодот јануари-декември 2017.
„Алкалоид“ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари-декември 2017 година, покажуваат неревидираниот единичен и неревидираниот консолидиран биланс на успех.
Според единичниот биланс на успех, во периодот јануари-декември продажбите достигнуваат 6.932.176.270 денари, што е 8 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.305.754.848 денари, бележи зголемување од 8 отсто, единичната нето-добивка изнесува 765.954.710 денари и таа е зголемена 9 отсто.
Во периодот јануари-декември вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.094.716.094 денари, што е 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени 5 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен 13 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 38 отсто се остварени на домашен пазар, а 62 отсто на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД – 7 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на другите пазари 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 202.665.540 денари, што претставува зголемување од 13 пати, и Унгарија со продажби од 31.452.936 денари, што претставува зголемување од 3,5 пати во споредба со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 60 отсто, Чешка раст од 22 отсто, Полска раст од 65 отсто, Словенија раст од 12 отсто, Хрватска раст од 13 отсто, Русија раст од 17 отсто, Украина раст од 208 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3 отсто, козметика со 9 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.413.336.067 денари, бележи раст од 9 отсто, а консолидираната нето-добивка во износ од 809.277.171 денар е зголемена 11 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2017 година изнесуваат 861.420.437 денари.
Во периодот јануари-декември 2017 година во „Алкалоид“ се реализирани 143 нови вработувања во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.