Daily news
(Видео) Заев го назначи човекот на Груевски за специјален пратеник во НАТО
Човек од доверба на Груевски, истрошен кадар, лесно менува партиски дресови – ова се само дел од коментарите што ги упатуваат политичари, амбасадори, активисти и новинари за одлуката на Владата да го назначи Лазар Еленовски за специјален владин претставник во НАТО. Неговото искуство како дипломат е веќе познато за јавноста бидејќи тој пред осум месеци беше амбасадор во Брисел, чие дејствување, според некои од познавачите, не придонело многу за евро-атлантските интеграции на Македонија.
– Она што ме интересира е кредибилитетот на Еленовски бидејќи НАТО не е само воена организација, туку и чувар на демократските вредности, и во таа смисла, со оглед на неговиот политички ангажман, тој учествувал во креирање на политиките кои Македонија ја оддалечија од НАТО. Парадоксално е таква личност сега да биде владин претставник на НАТО. Не би ми било чудно да е назначен како некој советник во општина или слично, тоа се политички компромиси, но кога говориме за стратешки интереси на државата, и тоа како е важно. На Влада што се декларира како реформска и која сака да ја врати Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, не ѝ прилега да именува таква личност, без да навлегувам во неговите интелектуални капацитети – вели новинарот Борјан Јовановски.
Според новинарката Емилија Лазаревска, недозволиво е на истите кадри да им се доверат функции на кои се утврдило дека не придонесувале ниту во изминатите години, што се потврдило, според неа, со изборот на Еленовски.
– ДУИ вели дека Еленовски е нејзин предлог и тоа не е спорно, но спорно е како е изгласан и зошто имал поддршка од целата Влада, вклучувајќи ги и министрите на СДСМ, за потоа да се брифираат одредени медиуми дека Зеав не се согласувал, но Ахмети ете сакал да го испрати. ДУИ се однесува како разгалено дете во Владата. Со политичкото минато на Еленовски претерано е да му се даде доверба, ние сме виделе што може тој да покаже и да придонесе за државата, а ништо не сме почувствувале. Гледаме и други кадри што долго време биле на функции и кои не покажале резултати, а повторно се наградуваат со високи функции, плати и бенефити и разбирливо е незадоволството во јавноста бидејќи преку глава ни е по толку години едни исти луѓе да решаваат за нашите судбини – вели новинарката Емилија Лазаревска.
Критики за изборот стигнуваат и од НСДП, коалициски партнер на СДСМ и партија во чии редови беше и Еленовски.
-Лошо решение на Владата, Еленовски е човек со висок степен на доверба кај Груевски. Тој е човек што има одговорност и против кого се води истрага за падот на воениот хеликоптер кога беше министер за одбрана, а не понесе ниту морлана одговорност. Неприфатлив е и начинот на кој е предложен, од социјални причини, па не може Владата да решава социјални прашања. Јас моето незадоволство го изразив кај премиерот, вели Тито Петковски, претседател на НСДП.
Од Владата, пак, остануваат на ставот дека изборот е врз основа на досегашното искуство што го поседува и дека Лазар Еленовски ќе придонесе во интегративниот процес на Република Македонија кон НАТО.
Лазар Еленовски е поранешен министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2008 година. Тој со години беше висок функционер на СДСМ и раководеше и со партискиот подмладок. По раскинувањето на владината коалиција во 2008 година, Еленовски ја напушта НСДП и формира нова партија – Социјалдемократска унија (СДУ), чиј лидер е една година. Во 2007 година го напушта лидерското место во партијата, а владата на Груевски го испраќа за амбасадор во Белгија. Мандатот му истече пред осум месеци, а пред локалните избори партијата на Еленовски влезе во коалиција со СДСМ.
Еленовски во 2009 година ги тужеше и тогашните пратеници во Собранието – Радмила Шекеринска, Горан Минчев и Горан Мисовски за клевета кога беше објавена снимка на која тој изјавува дека тогашниот премиер Никола Груевски прифатил промена на името на државата. На тројцата пратеници на тогашната опозиција судот им изрече опомена за навреда на Еленовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.