Европа
Црвен крст: Украина веќе е во војна
Меѓународниот комитет на Црвениот крст изработил доверлива правна проценка според која Украина и официјално е во војна, откриле за агенцијата Reuteurs западни дипломати и функционери, што пак ја отвора вратата за можноста за подигнување обвиненија за воени злосторства, вклучувајќи и обвиненија и за уривањето на малезискиот авион на истокот во Украина пред пет дена.
„Очигледно станува збор за меѓународен конфликт, па тоа многу веројатно може да се окарактеризира како воено злосторство“, изјавил за Reuteurs еден неименуван западен дипломат.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст е задолжен за контрола на примената на Женевската конвенција, низа од четири меѓународни договори кои пропишуваат правила како треба да се однесуваат земјите потписнички за време на војна кон непријателските војници и цивили.
Женевската конвенција е еден од важните фактори во донесувањето на одлука во Обединетите нации за тоа дали насилството во некои земји прераснало во вооружен конфликт.
„Црвениот крст е тој кој што во рамки на ОН одлучува дали некои судири прераснале во војна или не. Таа организација е чувар на меѓународните хуманитарни права“, истакнал за агенцијата извор од ОН.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст се уште не се изјаснил јавно по однос на прашањата со судирите во Украина, бидејќи, како што наведува Reuteurs, оваа организација не сакала да ги навреди ниту Украина ниту Русија со тоа што овие судири ќе ги оцени како граѓанска војна или странска агресија, но тоа неофицијално го направила и за тоа веќе ги информирал страните во судирот, откриле изворите за британската агенција.
„За квалификацијата на украинските судири државите се известени билатерално и доверливо. За тоа нема да зборуваме јавно“, истакнала за Reuteurs портпаролката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Анастасија Исјук.
Доколку ОН официјално ги окарактеризира судирите во некоја земја како војна, тоа во потполност ќе ја смени ситуацијата бидејќи страните во конфликтот стануваат еднакво одговорни за воените злосторства, кои не подлежат на застарување ниту на амнестија.
Според тоа, осомничените за воени злосторства може да бидат уапсени и надвор од границите на својата земја, имајќи предвид дека некои од земјите применуваат „универзална јурисдикција“ во случаите за воени злосторства.
До прогласувањето војна, силите на украинските власти се одговорни за заштита на цивилното население и инфраструктурата согласно меѓународните закони за заштита на човековите права, додека припадниците на проруските сили може да одговараат само за кршењето на украинските закони.
„Официјалното прогласувањето на некој воен судир и окарактеризирање како војна ја менува одговорноста на спротиставените страни на меѓународната сцена. Тоа ги зголемува шансите на поединци да им се суди за воени злосторства“, изјавил директорот на Женевската академија за меѓународно хуманитарно право и човекови права, Евдру Клап.
Во меѓувреме холандското државно обвинителство отворило истрага за падот на авионот на „Malaysia airlines“ на 17 јули на истокот во Украина, при што загинаа 298 лица, од кои поголемиот број беа Холанѓани, под сомнеж за убиство, воени злосторства и намерно соборување на патнички авион, изјавил во понеделникот портпаролот на обвинителството.
Врз основа на меѓународното кривично право, Холандија може да покрене обвинение против било кој поединец кој е осомничен за воени злосторства над холанските државјани.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, уште во мај истакна дека судирите во Украина веќе прераснале во граѓанска војна, додека Украина кризата ја смета како војна во која е вклучена и надворешна агресија од страна на Русија./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

