Топ
Убиено 23-годишно момче во струшкото село Поум

Дваесет и тригодишно момче е убиено, а татко му е тешко повреден кога во нив пукал 22-годишен сожител на струшкото село Поум, соопшти МВР. До инцидентот дошло поради нерасчистени односи од порано.
Според информациите, таткото и синот со автомобил му го попречиле патот на У.В. и тргнале кон него со секири за да се пресметаат по што тој испукал неколку куршуми во нив и ги погодил, па заминал од местото и се пријавил во Полициската станица Струга.
Од случајни минувачи повредените биле пренесени во Медицинскиот центар Струга, каде што кај З.Б. била констатирана смрт, а В.Б. бил задржан на лекување.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Се преземат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари официјално поднесе оставка: „Одлуката ја донесов по лична и професионална проценка“

Министерот за здравство, воедно и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, попладнево официјално поднесе оставка од министерската функција.
Во писмената оставка што ја доставил до премиерот, Христијан Мицкоски, наведува дека одлуката ја донел по внимателна лична и професионална проценка.
„Со ова писмо, Ве известувам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Министер за здравство на Република Северна Македонија. Одговорноста што ја преземав со оваа функција ја извршував со максимална посветеност, транспарентност и чувство на должност кон граѓаните и државата. Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем. Останувам отворен за соработка и поддршка во иднина, секогаш водејќи се од јавниот интерес“, пишува во оставката.
Свет
Трамп: Ништо нема да се случи додека не се сретнеме со Путин

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ништо нема да се случи во врска со мировните преговори меѓу Русија и Украина додека не се сретне лично со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ништо нема да се случи додека не се сретнеме со Путин, во ред? Очигледно е – тој немаше намера да дојде. Ќе дојдеше, но мислеше дека јас ќе одам. Немаше да дојде ако јас не бев таму и не верувам дека нешто ќе се случи, без разлика дали ви се допаѓа или не, додека не се сретнеме двајцата. Но, ќе мора да се справиме со тоа бидејќи премногу луѓе умираат“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ по пристигнувањето во Абу Даби.
Трамп додаде дека не е разочаран што Путин не е во делегацијата што денеска пристигна во Турција на разговори на високо ниво со Украина: „Не сум разочаран од ништо. Зошто би бил? Ние штотуку донесовме 4 трилиони долари, а вие сте разочарани од делегацијата? Не знам ништо за делегацијата, дури и не проверив“.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно изјави дека нема да се сретне со никого од руската делегација освен со Путин и ги нарече луѓето што пристигнаа во Истанбул „статисти“.
Иако американската администрација претходно посочи дека нема планирано патување во Турција, Трамп денеска изјави дека можноста останува отворена.
„Ако нешто се случи, ќе заминам во петок, ако е погодно“, рече тој за време на бизнис тркалезна маса во Доха.
Трамп претходно вети дека ќе ја запре војната на Русија против Украина „уште на неговиот прв ден на функцијата“ – но подоцна призна дека тоа е претерување.
Македонија
Сите позиции на Алијансата за Албанците во Владата ќе останат во „Вреди“, вели Меџити

По излегувањето на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари од Владата и од коалицијата „Вреди“ сите места отстапени на албанскиот владин партнер остануваат за коалицијата „Вреди“. Министерот за животна средина Изет Меџити вели веќе се подготвуваат за кадровските измени.
„Првин треба да ја констатираме оставката на Таравари. Она што е битно, сите позиции што ги има Алијансата за Албанците ќе останат во рамките на ‘Вреди’. Ќе направиме анализа, ќе ги дадеме најдобрите и најподготвени за тие позиции“, рече министерот Меџити денес при посетата на Чаир, каде што почнаа градежни работи за нов водоводен и канализациски систем на улицата Дижонска и нејзините краци.
Најавата за оставка само од Таравари, за Меџити е доказ дека Таравари сам ја донел одлуката да не остане во „Вреди“ и да излезе од Владата.
„Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери, покажува и докажува дека има донесено одлука, која не кореспондира со членството и со структурите на партијата. Има видливи поделби и веќе ги гледаме. Секојдневно има разни размислувања, непочитување на одлуката на претседателот, несфатлива им е одлуката, затоа веќе е видлива поделбата во Алијансата за Албанците“, рече министерот Меџити.
Меџити очекува прелевање на членството од Алијансата за Албанците во „Вреди“ оти одлуката на Таравари се покажало дека е од лични побуди.