Македонија
МТСП: Брачната заедница и термините мајка и татко не се менуваат
Министерството за труд и социјална политика најостро ги демантира дезинформациите и лажните вести што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ во однос на новиот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација. Оттаму велат дека во никој случај со овој закон не се брише семејството ниту, пак, се бришат термините мајка и татко, ова воопшто не е предмет што се уредува со овој закон.
„Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex specialis, односно не ја уредува детаљно секоја област на која се однесува. Во новиот предлог-закон се вклучени општи одредби, кои подетаљно се уредуваат во посебни закони. Конкретно, одредбата за бракот дека е заедница меѓу маж и жена е уредена во Законот за семејството и таму нема промени за ова прашање. Во земјава бракот, како и вонбрачната заедница, се заедници меѓу еден маж и една жена и родителите се именуваат како татко и мајка“, се наведува во демантот.
Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, како што се наведува, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група граѓани. Како што објаснуваат од Министерството, ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, велат од МТСП.
„Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминацијата има добиено позитивни мислења од Венециската комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија со ова ново законско решение прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права“, додаваат од Министерството.
МТСП апелира до јавноста да не подлегнува на манипулации и лажни информации. Велат дека Законот за спречување и заштита од дискриминацијата е достапен за секој, може да се види на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика и на веб-страницата на Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Постапката за екстрадиција на Палчо ќе биде спроведена преку МВР, на осомничениот веќе му е определен притвор
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се одобрува екстрадицијата на лице осомничено за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.
Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, се додава во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо
Министерството за правда преку писмено соопштение информираше дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
Претходно министерот за правда Кренар Лога на социјалните мрежи потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.
„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда.“
Љупчо Палевски е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски.
Македонија
(Видео) Битиќи: Патриотски ќе одиме кон повисоки плати и пензии, кон „Едно општество за сите“
„Ова зад мене е Спомен-костурницата, симбол на прогресивното и мултикултурно Куманово, темелот на АСНОМ-ска Македонија. Градот кој во 2015 година го потресе трагедија која беше одраз на еден режим кој сакаше да ја скрши Македонија. Сеќавањата сè уште остро нè потсетуваат и опоменуваат на тие мрачни времиња кога ВМРО-ДПМНЕ ја држеше заробена државата во мрак исполнет со стравови“, вели во видео обраќање од Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој нагласува дека СДСМ седум години градеше општество на соживот, меѓусебно разбирање и почитување на различностите, притоа предупредувајќи дека „наследниците на режимот бараат повторно да се издигнат од пепелта, нивната шовинистичка политика повторно надвиснува над Македонија“.
Битиќи предупредува дека со ВМРО-ДПМНЕ и неговиот национализам постои опасност државата да се врати во периодот кога имаше поделби на етничка и религиозна основа.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот национализам може само да се вратиме во времето кога вештачки се обидуваа да креираат поделби и раздори на етничка и религиозна основа. На овие парламентарни избори, секој глас за нив, е глас за времињата налик на тие од 11 години режим. Но наспроти нив, стоиме ние, СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, со кои, патриотски, а не националистички, ќе одиме кон повисоки плати, повисоки пензии и пред сè, кон Едно општество за сите“, вели Битиќи.