Македонија
Од 18 часот забранет влез за приватни возила на Клиниката
Од денес попладне од 18 часот до утре до 18 часот ќе биде забранет влезот во комплексот Клинички центар „Мајка Тереза“, освен за возилата на итната помош, информира државниот секретар на Министерството за здравство, Владимир Милошевски. Поради утрешната посета на папата, надлежните власти апелираат граѓаните да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември“ (Воена болница) за сите здравствени потреби, како и на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница, за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија.
„Утре, сите граѓани навреме ќе добијат здравствени услуги и интервенции. Апелираме сите што ќе имаат потреба да се упатат во Градската општа болница „8 Септември“ и на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден со цел да одговорат на потребите на граѓаните“, рече Милошевски.
Клиничкиот центар, сепак, нема да биде целосно затворен, пациентите ќе бидат примени. Гинекологија ќе биде достапна, а единствениот влез и пристап до Клиниката за детски болести ќе биде од страната на хотелот „Тасино чешмиче“.
Сите прегледи преку „Мој термин“ се откажани, потврди Милошевски и најави дека од 8 мај граѓаните ќе може повторно да ги презакажат планираните термини за преглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.
Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Викенд исполнет со празнична магија на „Патека на радоста“ во општина Илинден
Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.


