Uncategorized
(Видео) Ременски: Од морални и од правни причини, Вељановски да поднесе неотповиклива оставка

Пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, во однос на денешната седница на комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, на кои се разгледуваа годишните извештаи за работа на управата и на Агенцијата за разузнавање, рече дека нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски.
„Ако ги исправиме моралните дилеми од аспект на легитимноста и кредибилитетот на носењето на одлуките од страна на Комисијата, од аспект на тоа кој ги води комисиите, нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски на кој што ова Собрание не можеше да му го одземе имунитетот заради солидарноста на неговите сопартијци, а е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт за здружување заради непријателска дејност односно за организација на насилните настани на 27 април во Собранието на Република Северна Македонија“ рече Ременски.
Додаде дека тоа дополнително како пратеници, веќе сега ги исправа и пред една многу посериозна дилема, од, како што рече, аспект на тоа дали имателот на безбедносен сертификат ‘државна тајна’ обвинет за дела против државата, може и смее да гледа строго класифицирани документи и извештаи за работа на токму тие безбедносни служби, кои што ги обезбедија доказите за учеството во организација на насилните настани во Собранието кои што се дела против државата.
Ременски истакна дека обврската Комисијата за надзор да определува кои двајца пратеници ќе учествуваат во постапката на селекција на кадри на Управата и тоа ќе го прави Трајко Вељановски кој што е исто така на рамниште на осомничените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април.
„Јас го повикувам пратеникот Трајко Вељановски да си поднесе неотповиклива оставка и од морални и од правни причини од Комисијата за надзор на Управата за безбедност и контра-разузнавање и на Агенцијата на разузнавање бидејќи, прво е недостоен за вршење на функцијата пратеник на кој што по барање на Судот, Собранието не успеа да му го одземе имунитет и го прави потенцијален безбедносен ризик за користење на информации од класифицирана природа – државна тајна. Овие прашања денеска му беа поставени и на директорот на Управата за безбедност и контра-разузнавање, дали не чувствува потреба да покрене постапка за преиспитување на безбедносниот сертификат – државна тајна, на пратеникот Трајко Вељановски“ изјави Ременски.
Според неа, ако веќе се влегува во делот на морализирање од апстрактна природа, овде има конкретна ситуација, од која што зависат легитимноста и кредибилноста на сите процеси во кои што влегуваме како држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
(Видео) Гвинет Палтроу ја провоцира Меган Маркл: снимката поттикна коментари

Обожавателите на Гвинет Палтроу се убедени дека актерката суптилно ја провоцира Меган Маркл додека таа се снимаше како прави појадок во својата кујна облечена во пижами. Основачот на брендот Goop, 52-годишната Гвинет, во саботата на „Инстаграм“ објави видео на кое подготвува појадок.
View this post on Instagram
Видеото доаѓа откако Меган на „Нетфликс“ го почна своето готвачко шоу „Со љубов, Меган“, кое, и покрај лошите критики, ќе има втора сезона. Во текот на целата сериј, Меган изгледа беспрекорно, облечена во луксузни дизајнерски парчиња додека готви во туѓа, изнајмена кујна.
Од друга страна, Гвинет во својот спот се појави без шминка, во лежерни пижами со пруги, користејќи ја песната This Will Be (An Everlasting Love) од Натали Кол, која се користи и во промотивните материјали за шоуто на Меган на „Нетфликс“.
Фановите бргу реагираа на социјалните мрежи. „Гвинет Палтроу продолжува суптилно да провоцира, а јас сум за тоа! Без шминка, во нејзината вистинска кујна“, „Дури и музиката… тоа е This Will Be (Everlasting Love) на Натали Кол“, „Ха, ха, нели е тоа песната што ја користат за да ја промовираат Меган Маркл?“, „Така приземјена и природна, во пижами, со разбушавена коса, без шминка, пие кафе. Едноставна и опуштена“, се дел од коментарите на „Икс“.
Еден обожавател додаде: „Браво, Гвинет. И таа има вистинско куче, во вистинска кујна, во својата куќа“. „Умирам од смеење. Таа не мора да каже ниту збор. Автентична и подобра во секој поглед, во пижами, без шминка, а сепак толку софистицирана“, напишал друг следбеник.
Uncategorized
Средба Мисајловски – Салај Бобровници во рамките на унгарско-македонскиот владин самит: Ние не сме само набљудувачи на сегашноста, туку архитекти на подобра и посигурна иднина

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска оствари билатерална средба со својот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки во рамки на кој денеска се одржува во Будимшешта, Република Унгарија.
Уште еден значаен чекор кон побезбедна, посигурна и просперитетна иднина, за граѓаните на двете држави, за регионот и Европа, беше констатирано од страна на двајцата соговорници на денешната средба.
Мисајловски во оваа прилика додаде дека е потребно да се искористи секоја можна соработка која ќе придонесе не само проширување и продлабочување на односите меѓу двете земји туку на развој на државите.
„Еден од најважните критериуми за развој е зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста. Токму затоа е потребно заеднички да продолжиме да вложуваме во јакнењето на регионалната безбедност, како би можеле поефикасно да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме“, истакна министерот Мисајловски и додаде дека е особено горд што одбранбената соработка со Унгарија се интензивира особено по потпишувањето на Планот за билатерална соработка меѓу двете земји.
„Ние не сме само набљудувачи на сегашноста, туку архитекти на подобра и посигурна иднина. Активностите кои се опфатени со Планот се доказ за сериозната посветеност меѓу двете министерства и армии и за нас е од особена важност е можноста за размена на искуства и знаења кои двете земји ги нудат во насока на зајакнување на човековите капацитети“, потенцира Мисајловски.
Унгарскиот министер Салај Бобровницки на оваа средба кажа дека се отвораат нови можности во процесот на набавки и развој во делот на одбранбената индустрија преку договор Влада со Влада, можноста за набавки на воена опрема од страна на унгарски производители, како и за интензивирање на соработка во процесот на обука и вежби за припадниците на специјалните сили и армиите воопшто.
За време на состанокот се разговараше и за Меморандумот за разбирање меѓу двете институции, кој е во завршна фаза на усогласување, а кој ќе биде дополнителен импулс градењето на меѓусебната соработка.
Uncategorized
Лавров: Европа го поткопува решението на конфликтот во Украина

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека само Западот и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги попречуваат мировните преговори.
За време на посетата на Доха, тој рече дека претседателот на Русија, Владимир Путин, многупати одговарал на лажните обвинувања за преговорите и дека најдобрата помош за оние кои искрено сакаат да го решат овој конфликт е да разберат зошто настанал овој конфликт.
„Европа отворено се обидува да го поткопа решението на конфликтот во Украина. Ова е менталитетот „или-или“ што владее во Европа во последно време“, рече Лавров, пренесува „Раша тудеј“.
Според него, Русија смета дека е невозможно да се согласи на договори кои би вклучиле и повторно вооружување на Украина.
„Она што остана од Украина мора да се ослободи од расистичките закони“, рече Лавров и додаде дека Европа со своите постапки покажала дека не сака никаков мир, бидејќи „нејзиниот штитеник не ги исполнил сите задачи што му ги дала“.
На прашањето дали е вистина дека Москва се согласила да користи 300 милијарди долари замрзнати средства за обнова на Украина, под услов некои од нив да бидат наменети за потребите на новите руски региони, Лавров посочи дека не се зборува за „имот украден од Европејците“ и дека е сигурен дека ова прашање ќе биде решено наскоро, како што истакна и шефот на американскиот Стејт департмент, Рубио.
Тој додаде дека средба на руски и американски претставници на која ќе се разговара за работата на амбасадите ќе се одржи на 27 февруари во Истанбул.
Истовремено, тој отфрли секакви опции за распоредување европски мировни сили во Украина, наведувајќи дека Русија воопшто не го разгледува тоа, пренесува РИА Новости.
Лавров на прес-конференцијата во Катар посочи дека оваа идеја, која, како што рече, ја наметнуваат Европејците, „односно Франција и Велика Британија“, има за цел натамошна ескалација на конфликтот и сузбивање на обидите за прекин на конфликтот.
„Макрон во Вашингтон зборуваше за потребата од итен прекин на огнот, за воведување на овие мировни сили, а потоа, наводно, ќе зборуваме за териториите, за судбините на луѓето, за другите принципи на решавање. Ова е измама. Не можете да одите до договор чија цел е да се постигне една единствена цел, да се напумпа Украина со оружје“, рече Лавров.
„Облогот на Западот за воено решение е безнадежен“, рече тој.
Зборувајќи за потенцијалното искористување на руските замрзнати средства, тој рече дека Москва ќе има одговор на тоа.
„Прашањето за рускиот имот на Запад нема да исчезне од агендата на преговорите во Украина“, рече Лавров, нагласувајќи дека имотот првенствено е украден од Европејците.
Лавров пристигна во Доха на средба со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани, пренесува Танјуг.