Црна хроника
Масакар во Њу Брунсвик во Канада

Тројца полициски службеници се убиени, а двајца се ранети во вооружен инцидент, редок за Канада, кој се случи во провинцијата Њу Брунсвик, во Монктон, на западниот брег од земјата, изјавиле утрото во четвртокот полициски функционери кои истакнале дека сé уште трагаат по извршителот.
Локалниот полицаец, Дамиен Терио, изјавил дека полицијата стигнала на местото по претходен повик кој го добила во средата околу 19 часот и 30 минути по локално време.
„Сé уште трагаме по човекот кој отвори оган”, истакнал Терио и додал дека извршителот најверојатно сé уште е во Пајнхарст, дел од Монктон, во кој се случил инцидентот.
„Ги повикуваме жителите да останат во своите домови и да се заклучат, а останатите да останат настрана од оваа област”, било наведено од полициската служба.
Терио истакнал дека лично ги познавал тројцата убиени полициски службеници, и се расплакал за време на конференцијата со новинарите.
Осомничен за убиството е 24-годишниот Џастин Бурк од Монктон, каде живеат околу 69 илјади жители и кој се наоѓа на околу 150 километри североисточно од Сент Џон, главниот град на провинцијата Њу Брунсвик.
Полициските служби на „Твитер” објавиле фотографија од осомниченото лице, на која тој носи маскирна униформа, како и два пиштола.
Еден градежен работник просведочил дека го забележал убиецот од далечина, облечен во маскирна униформа, како стои на средина на улица и држи пиштол вперен во полициските возила.
Тогаш работникот мислел дека станува збор за полицаец сé додека човекот со пиштолот не почнал да пука. Работникот потоа брзо се повлекол во својот дом и останал таму со своето семејство, а еден негов комшија потоа напишал на социјалната мрежа дека еден од куршумите залутал во прозорот од неговата куќа.
Според зборовите на градежниот работника, во неговата мирна улица ретко кој во средата спиел. Според него сите чекале информација дека убиецот е уапсен.
Веста дека се убиени повеќе полициски службеници го шокирала ова инаку мирно населено место.
Полицијата блокирала неколку улици,а сообраќајот бил пренасочен.
Полициските служби додаваат дека ваков инцидент на насилство е многу редок во Канада, особено на нејзиниот источен брег.
Најжестокиот напад врз канадската полиција во последните 120 години се случил во 2005 година, во западната провинција Алберта. Во овој инцидент биле убиени четворица полициски службеници./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
МВР: Претреси во Кавадарци и Неготино, пронајдена дрога, лишени од слобода две лица

Полицијата изврши претреси во Неготино и Кавадарци.
„На 02.08.2025 во 17:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода З.И.(24) од Неготино. По издадена судска наредба, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес и ОВР Неготино, извршија претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени 2 000 евра, мобилен телефон и зелена растителна материја. З.И. е задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 02.08.2025 во 18:35 часот, полициски службеници за недозволена трговија со дрога од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Ј.А.(31) од Кавадарци. По претходно издадена судска наредба, при извршен личен претрес кај него била пронајдена и одземена зелена растителна материја, а при претрес во неговиот дом, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, зелена растителна материја, 21 семка и пакување со цветови од зелена растителна материја. Ј.А. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Црна хроника
Запленета поголема количина брендирана стока без документација, лишено од слобода едно лице

Полицијата заплени поголема количина брендирана стока без соодветна документација и приведе едно лице, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„На 01.08.2025 околу 20:00 часот на наплатна рампа Романовце, на автопатот Скопје-Куманово од страна на полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при ОГРМ, бил лишен од слобода Д.Ц. (30) од Крива Паланка, затоа што при преглед на возилото „ауди“, кое тој го управувал, пронајдена е поголема количина на брендирана стока, без соодветна документација. По документирање на случајот, против Д.Ц. ќе биде поднесена кривична пријава по чл 285 ст.1 од КЗ“, стои во известувањето од МВР.
Топ
Браќа од Струшко нападнале семејство во возило во кое имало и деца, ја удирале жената со боксови и клоци

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против две лица за кривично дело – Насилство.
Двајцата браќа, по потекло од струшко, а со привремено живеалиште во Швајцарија, на 30 јули на локалниот пат меѓу селата Горно Татеши и Добовјани, со автомобил со швајцарски регистарски ознаки го попречиле патот на струшко комбе во кое се превезувало семејство – маж, жена и две малолетни деца.
Веднаш започнале да се закануваат и агресивно да се однесуваат, излегле од автомобилот и се упатиле кон возачот на комбето. Со сила го повлекле подотвореното стакло на возачката врата и го скршиле. Парчиња од стаклото ја расекле по раката жената која излегла од комбето во обид да ја смири ситуацијата. Дополнително, осомничените и нанеле и телесни повреди со удари со боксови и клоци по главата и телото. Си заминале откако жената се заканила дека ќе повика полиција.
Поради опасност од бегство, особено имајќи предвид дека двајцата имаат привремено престојувалиште во странство, а исто така и поради ризикот и изложеноста на оштетеното семејство повторно да им биде загрозена сигурноста, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничените браќа, со цел да го обезбеди нивното присуство во текот на постапката и да спречи повторување на насилството.